| четврток, 6 декември 2018 |

Добриот збор железни порти отвора

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Читајќи го Наполеон Хил и неговата „Размислувај и стани богат“ наидов на интересни концепции околу моќта на позитивната мисла преточена во убави и добри зборови. Имено, овој автор пишува да размислиме два пати пред да проговориме бидејќи нашите зборови ќе го насадат семето на успех или пораз во умот на другиот. Понатаму, Наполеон пишува дека пред да му кажеме на светот што сакаме, треба да му покажеме. Затоа, според него, не е најдобар адвокат оној кој го познава правото, туку оној кој најдобро го има подготвено случајот.

Постојат бројни истражувања кои определуваат до кој степен формата на комуницираниот збор влијае врз текот на комуникацијата. Врската која се воспоставува помеѓу приемот на една информација и реакцијата на мозокот на соговорникот на истата, е потполно природна и може дури и да се предвиди. Нужно, начинот на кој една личност размислува во голема мера го определува и начинот на кој истата се изразува, со тоа и природата на пораките кои ги упатува на околината. Во најголем дел, намерата при споделување на информации од наша страна оди во насока на информирање или влијаење врз останатите. Кога, пак, сме во улога на слушатели, доколку се обидеме соговорникот да го претставиме како празен лист од кој само произникнуваат информации, често можеме многу лесно да ја чуеме неговата порака. Доколку отстапиме место на предрасудите во поглед на човекова личност поради претпазливост, голема е веројатноста на мисинтерпретација на комуницираните информации. Ова е секојдневен проблем со кој се соочува секоја личност денес. Токму затоа секоја негова анализа води кон различни решенија, но една иста цел: позитивното мислење и добриот збор секогаш водат кон успех.

Многу комуниколози и психолози кои пишуваат на оваа тема препорачуваат да се избегнува користење негативен јазик при комуницирањето. Ако некого прашаме што очекува наместо што не очекува, поверојатно е да го наведеме да ни даде конкретен одговор или барем да креираме позитивна клима, која е понатаму битен фактор во нашиот разговор. Овој совет е особено прагматичен во корпоративното и политичко опкружување, каде што лидерите ретко имаат повеќе од половина минута да одговорат нечие прашање. Или претставено низ призма на пример, ако некој ни каже да не го замислуваме розовиот слон, ние автоматски ќе го сториме спротивното. Битно во овој контекст е дека не постои разлика помеѓу розов и нешто различно од розов слон, што нѐ води до заклучокот дека најчесто и нема потреба од користење негации при комуникацијата. Тоа што е многу важно во овој контекст, е што негативниот јазик неретко ја води комуникацијата надвор од контрола во смисла дека ако едниот соговорник поставува тврдења кои се ограничувачки или агресивни за другиот, голема е веројатноста другиот деструктивно и офанзивно да пристапи на темата и да не навлезе во полемизирање на суштината. Резултатот од целокупниот вложен труд да се воспостави контакт ќе биде негативен и нашата цел нема да биде постигната.

Следно, многу често користена алатка од вештите комуникатори, а особено политичарите, е користењето моќни, позитивни зборови. Моќните зборови играат улога на катализатори меѓу поентата која треба да биде пренесена и реториката на соговорникот. Во едно истражување на институтот „Карнеги“ од јуни 2014 година, овој метод е пресуден за текот на една конверзација. Така, наместо да прашаме некого со чиј избор не се согласуваме, зошто направил толку лош или погрешен избор; многу подобар ефект ќе постигнеме доколку му кажеме дека на негово место ние би направиле поинаков избор. Ефектот е двоен: личноста ќе се запраша кои други избори ѝ стојат на располагање и со сопствена анализа ќе дојде до вистинското и веројатно очекувано решение; како и ќе биде мотивирана од сознанието дека ние се ставаме во нејзина позиција. Најчесто користени т.н. моќни зборови се: нагласено, фасцинантно, надежно, легитимно, поинакво, изненадувачко, неочекувано, итно, невообичаено.

Тоа што многу често изостанува од една конверзација, а кое е релевантно во поглед на квалитетот на односите кои се воспоставуваат меѓу соговорниците, е токму слушањето на зборовите на соговорникот. Генерално, комуниколозите разликуваат два вида слушање, и тоа: активно и пасивно слушање. Додека активното слушање претставува слушање каде се воспоставува симултана комуникација и употреба на јазик на телото како и целосно процесирање на информациите; механичкото претставува просто регистрирање на децибели. Дури и во нашиот јазик постои разлика меѓу глаголите слуша и чуе, при што вториот се однесува само на просто регистрирање на една информација кое не гарантира квалитетна дискусија. Денес комуницирањето по пат на слушање е отежнато со оглед на разните технолошки решенија кои доживуваат растечки тренд. Сѐ почесто сме зад мониторите и не работиме на развивање на овие техники на комуникација кои се од особено значење кога станува збор за тимска работа.

Животот се состои во приказните кои си ги кажуваме себеси. Низ зборовите на славниот Марко Аврелиј, нашите мисли се развиваат до степен до кој ние им оставаме слобода. Така, депресијата и среќата се синоними во техничка смисла, а она што им придава значење се нашите психолошки дразби на дадени ситуации, претходно искристализирани во нашиот ум. Човек кој е способен негативните околности да ги претвори во научени лекции и со насмевка да пристапи на следниот ден со цел исправање на грешките од вчерашниот, е успешен и спокоен човек. Предноста на луѓето пред сите останати суштества е можноста да ги вреднува и распоредува мислите по приоритет и лично значење. Колку порано една личност стане свесна за себеси и почне да се себенадградува, толку побрзо ќе биде способна да пренесе позитивно влијание и оствари успех меѓу околината. Толку побрзо ќе биде способен да помогне на другите. Повторно, низ зборовите на Наполеон, постави го умот на определена цел и мирно набљудувај како светот ќе се тргне од твојот пат кон нејзино постигање.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top