
Во Музејот на уметност Помпиду во Париз е отворена првата европска ретроспектива на „кралот на кичот“ американскиот уметник Џеф Кунс.
Во поставката се изложени, меѓу другото и порцеланската статуа на Мајкл Џексон со неговиот љубимец, мајмунот, зајакот на дување со кој Кунс се прослави, како и полупорнографските фотографии со неговата поранешна сопруга, порно-ѕвездата Чичолина.

Ретроспективата опфаќа 35 години од работата на уметникот и покажува зошто е Кунс еден од најдобро продаваните живи уметници, но, истовремено и најконтроверзни. Делови од изложбата се забранети за малолетници.
– Делото на Кунс, без разлика дали ние го прифаќаме или не, е неспорно единствено во провокацијата – изјави кустосот на изложбата Бернар Блистен.

Европската ретроспектива доаѓа само неколку месеци по онаа во Њујорк, во музејот „Витни“. Последната изложба на Кунс во Франција беше во 2008 година, кога беа изложени 17 скулптури во Версај. Тогаш конзервативците силно го нападнаа американскиот уметник.
Кунс истакна дека многу му значи ретроспективата во Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


