Грижата за животната средина е од посебна важност за непречениот и одржлив развој на секое современо општество. Кон наведеното прашање покрај државите, сѐ поголемо внимание посветуваат меѓународните владини и невладини организации, корпорациите, како и научните и стручните институции. Од голема важност е сите влијателни фактори во меѓународната заедница да започнат со посериозен пристап кон барањето глобални и заеднички прифатливи решенија за намалување на емисиите на нечисти гасови.
Триесет и пет години по Првата светска климатска конференција (1979) и седумнаесет години по прифаќањето на Кјото Протоколот (1997), поголемиот број од експертите за животна средина и натаму констатираат дека загриженоста за продуцирање негативни ефекти од глобалните климатски состојби е исклучително голема.
Многумина очекуваа дека токму Кјото Протоколот беше блиску до постигнување соодветен аранжман што би бил општоприфатен, но факт е дека погледите и натаму остануваат насочени кон мултилатералните преговори кои се водат во рамките на ОН и другите регионални форуми. Останува да се надеваме дека високоразвиените и земјите во развој ќе вложат дополнителни напори и во интерес на сите нас ќе се согласат и ќе го самоограничат производството во оние индустрии кои продуцираат недозволено високи концентрации на опасни материи и гасови.
Факт е дека непостоењето задолжителен меѓународен глобален аранжман, кој би довел до забрана или ограничување на употребата на енергетските ресурси кои непосредно влијаат врз загадувањето на животната средина и врз создавањето на ефектот на стаклена градина, носи дополнителни грижи.
Причините за отпорот на државите и корпорациите во придржување кон соодветни нормативи за заштита на животната средина се повеќе од едноставни, односно стравот од можноста за забавен економски развој, силна пазарна конкуренција, борба за остварување поголем профит, интересот за долгорочно одржување на пазарот, страв од зголемување на стапката на невработеност и редица други очекувани негативни појави.
Во рамките на наведената приказна и Република Македонија се обидува да изнајде некоја оптимална позиција, односно преку доследна примена на соодветните регулативи на ЕУ и сопствените законски ограничувања да обезбеди соодветни решенија за оние индустрии кои претставуваат големи загадувачи, а притоа да не биде загрозен економскиот развој на државата, функционирањето на стопанските субјекти и иднината на вработените во истите. Исклучително тешка задача, во рамките на чие исполнување се потреби силни дополнителни инвестиции. Тоа претпоставува засилено инвестирање во истражувања, воведување нови чисти технологии, изградба и обезбедување дополнителни капацитети за производство на алтернативни извори на енергија, поставување соодветни филтри, колектори и други форми на заштита на постојните капацитети итн.
Заштитата на животната средина не претпоставува грижа само за денес и само за нас, туку тоа е глобален интерес и интерес за идните генерации, кои ќе бидат горди на нашето однесување, само доколку бидеме одговорни во процесот на користењето на природните ресурси и водиме постојана грижа за обезбедувањето непречен и одржлив развој на нашата држава.
Потребата од континуирано преземање практични мерки, соодветна легислативна поддршка, финансирањето во образованието и тренингот, поддршка на еколошки чисто производство, дополнително ќе ѝ помогне и на Република Македонија во справувањето со проблемите кои се однесуваат на зачувувањето на животната средина и менаџирањето со емисиите на гасови кои влијаат врз промената на климата.
Во наведениот контекст вреди да се истакне дека Македонија е еден од ретките примери во светот кои посветуваат големо внимание кон развојот на шумското богатство и во која држава од 2007 година со помош на силен ангажман на невладиниот сектор и голема поддршка на Владата на Република Македонија е создадена една прекрасна традиција на постојано и организирано пошумување на целата територија на државата. Таквиот вид организирано дејствување, преку прогласување на Ден на дрвото, непосредно и позитивно влијае кон создавањето исклучително поволни услови за развој на шумскиот фонд, односно одржувањето и поттикнувањето на развојот на флората и фауната, намалувањето на ерозијата на теренот, намалувањето на негативните влијанија од климатските промени, намалувањето на штетите од деструктивните поплави, зголемување на подрачјата каде што чистиот воздух е правило, а не исклучок и создавање услови за развој на руралниот и планински туризам.
Примената на ефективни мерки кои носат видливи резултати се повеќе од неопходни доколку посакуваме да имаме чиста и просперитетна животна средина, да произведуваме здрава храна и чиста вода, да имаме чист воздух, да градиме идни генерации на здрави граѓани, Македонија да биде посакувана туристичка дестинација со силни прерогативи кои упатуваат на постоење здрава и чиста средина.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.