| четврток, 6 декември 2018 |

Прошетка 5

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Наспроти јужните делови на градот, каде што силата на еросот доминира со просторот емитирајќи голем магнетизам на возбудливост и егзалтација, се простираат северните зони на метрополата, територии, колку противречни, толку и енигматични. Тука, на еден голем терен во општината Бутел, се простира и Градот на мртвите. Овој факт е доволен да нè увери, дека овие простори се под дејство на силите на Танатос. Наваму луѓето ретко доаѓаат во забавна и рекреативна прошетка. Обично прошетките тука се одвиваат во контекст на траурната поворка, која го испраќа покојникот во вечноста. Сите во оваа чудна група луѓе се втурнати во крајно вознемирувачка ситуација да го промислуваат крајот, кој е фатум за сè што се родило и што имало живот во себеси. Та така и тие самите се дел од тој ужасен опфат на најголемиот проблем на животот – смртта. Гробиштата од своја страна изгледаат како гигантска градина, полна со мермерни споменици. По спокојните долговечни дрвја скокаат и прелетуваат птици, пеејќи ја својата жизнерадосна песна. Во случаи, пак, денот да е сончев, тогаш, ако го свртиме погледот од траурната група и нашите мисли од контекстот на местото, тогаш можеби и ќе го дофатиме тоа неверојатно спокојство, кое владее со овој простор. Тој мир и таа, со ништо непоматена хармонија меѓу небото и земјата и сиот непретенциозен живот што се одвива меѓу нив, безусловно нè упатува на едно суштинско сознание. А тоа, колку шокантно, толку и смирувачко сфаќање на енигматичниот мир на Градот на мртвите, е во таа спонтана медитација, што просто се наметнува од суштината на нашето постоење и ни кажува со сите тие метајазички и матакогнитивни сили, кои го сочинуваат самиот униеверзум, дека смртта е спасоносна процедура и дека, всушност, е капијата на вечноста.

Ова така незаобиколиво сознание доаѓа како круна на долгото и длабоко искуство на животот, кое само по себе сведочи за сите тие неподносливи маки, кои ги преживуваме на патот кон, навидум, ужасниот крај.

Но сè поминува, па така и ужасот, а по ова разорувачко и пеколно искуство доаѓа едно блажено и успокоително смирение – кое трае. И токму големината на овој неверојатен мир е во несфатливо долгото траење на оваа состојба на ништожност, на отсуство и непостоење. Тоа, секако, упатува на бесконечноста, која е единственото ултимативно очекување на душата во својата единствена интенционалност, да се смири единствено во бескрајот, па макар оваа состојба да ја искуси и во несвесното.

Тогаш мирот е дефинитивен, а спокојството целосно. Сè друго е само непожелна компликација и повторно мачно соочување со болката, како единствената реалност на постоењето. Така, можеби, будистите гледаат на животот и на смртта. Но животот пробива и во ова, навидум, бесконечно непостоење, нешто што нема ниту почеток, ниту крај, но сигурно може да има непоимливи пресврти, што од оваа страна на реалноста никако не можат да се видат, па ни да се претпостават. Во секој случај, генериката на феномените што го чинат светот и животот сугерира на една неверојатна вистина, која силно се наметнува во зоните на нашата свест – дека сето ова постоење и живот произлегле од непостоењето и од неживотот. Како е сето ова можно? Тоа нашиот инерциски, догматски и квазилогички ум се бунтува и лудува со безумни крути страсти на негирање. Но ние сме во иманентност со оваа чудесна енигма на метаморфозите. Зошто не сакаме да ги прифатиме неверојатните варијанти на постоењето? Едноставно, не сакаме ненадејни напади врз нашиот здрав разум, длабоко просведочен од животното искуство – кое ни е единствениот параметар за препознавање на вистината од илузиите и празната фантазмагорија. Но тука е онтолошката претпоставка, која е посилна од какво било искуство, а самата шокирачка изненаденост на нашето сфаќање и сведоштво говори дека искуството знае да биде затечено и ставено во сосема хаотична состојба, кога пред целата негова аксиоматска емпирија ќе се случи нешто за првпат. Тогаш умот се бунтува и беснее во диво неприфаќање, но реалноста го освојува и проголтува целосно, така што единствената негација на неприфатливото е бегството во несвесноста, што сама по себе ги решава проблемите на збунетоста и хаосот. Но само на ефемерен и палијативен план. И повторно доаѓаме до зоните на неверојатното, кое се појавува како императивно будење, постанување или, ако сакате, оживување, токму во царството на претходно акцептираната смрт и непостоење. Реинкарнација? Тоа за будистите и за огромен дел од далекуисточната есхатологија би било повторно соочување со болката и пеколната судбина. Но оживување во духовен контекст? Е тоа е вистинско совршенство. Тоа е вистинско будење од илузиите на пеколното постоење и царството на болката. Тогаш неверојатното не само што станува единственото можно решение на големата енигма на битието, туку и радост и спокој засекогаш.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top