| четврток, 6 декември 2018 |

Ванчо Димовски: Победничкиот менталитет никогаш не нè напуштил

Во пресрет на дуелот од Лигата на шампионите во ракомет меѓу Металург и Ла Роиха капитенот на македонскиот шампион и репрезентативец на Македонија Ванчо Димовски даде изјава и свое размислување на денешната прес-конференција.
По почетниот резултат од пет порази од исто толку натпревари, Димовски го респектира саботниот противник.

– Ла Риоха е квалитетен противник, кој, секако, го бара и го заслужува местото во топ-16 фазата во Лигата на шампионите. Тимот е од државата, која е светски шампион и располага со квалитетни играчи на сите позиции. Во првиот натпревар пред една недела ние одигравме во рамките на можностите бидејќи бевме преполовени и емиционално испразнети. Победничкиот менталитет секогаш бил во нас и така ќе влеземе во натпреварот во сабота.
Целта ни е да освоиме три победи во следните три меча и со какви-такви шанси за пласман во следната рунда ги дочекаме натпреварите по паузата за светското првенство.
Ние и шведскиот претставник Алингсас сме единствените, кои немаме забележано победа, но да се надеваме дека по натпреварот во сабота нема да биде така. Победите во минатите години не научија да бидеме победници и сето ова што се случува во клубот и тимот не боли. Нема предвреме да се предадеме и ќе одиграме со сите сили иако сме десеткувани – се осврна Ванчо Димовски.

Натпреварот со шпанскиот преставник Ла Риоха се игра во сабота во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top