| четврток, 6 декември 2018 |

Пет причини зошто Р. Македонија нема потреба од позитивна дискриминација

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Позитивната дискриминација е алатка создадена во минатото со цел интегрирање и создавање еднакви можности за сите социјални групи во едно општество. Самиот термин, првпат употребен во 1961 година од страна на поранешниот американски претседател Кенеди, првенствено се однесувал на активности кои промовирале недискриминација и градење инклузија меѓу сите општествени групи. Иако овој термин може да се користи во различни области, концептот е ист и повикува на преземање на сите можни чекори преку кои малцинските групи би ги имале исти можности како мнозинските, а кои генерално се однесуваат на вработувањето, општественото и државното уредување или бизнисот. Иако не секоја развиена држава гради систем кој вклучува позитивна дискриминација со објаснение дека законите не прават разлика меѓу граѓаните, некои држави сѐ уште иновативно го поддржуваат овој концепт. Македонија сѐ уште спаѓа во втората категорија.

Позитивната дискриминација, генерално, се воведува во ограничен временски интервал до воспоставување на првобитната или нова, подобрена ситуација. Тоа што оваа алатка го промовира во крајна линија е фаворизирање малцинска група на сметка на мнозинската бидејќи во определен период од минатото, таа имала помалку можности за напредок. Па, ако минатото е период кој е изминат и денес пречките се надминати, зошто некои држави сѐ уште вклучуваат мерки на позитивна дискриминација во рамки на својата легислатива? Исто како кога се гради една куќа, плочата се става само еднаш и потоа служи како основа за надградување и ново просторно димензионирање.

Позитивната дискриминација е чисто потценување на способностите на една индивидуа бидејќи таа се избира поради карактеристики што свесно не ги поседува. Пример, една личност би се вработила на една позиција само затоа што е припадник на определен етникум, што никако не е поврзано со интелектуалниот капацитет и вештините кои таа ги поседува. Иронијата во случајот би била најмување забен техничар на позиција предвидена за анестезиолог, само затоа што словото вели така. На крајот на денот, оној кој е оштетен не е само забниот техничар кој нема да напредува во својата специфична област или анестезиологот кој учел за на крај да не биде најмен бидејќи неговата позиција е однапред определена за друг, туку е пациентот кој би се соочил со реална опасност од лекарска грешка.

Самото потценување на способностите води кон девалвација на интелектуалниот капацитет на една поширока општествена група бидејќи е позната приказната дека оној кој еднаш ќе излаже и сто пати да ја каже вистината, нема да му се верува. Таков е домино-ефектот кој неколку индивидуални приказни го предизвикуваат во име на една поголема социјална група бидејќи според системот на квоти им биле предодредени определени позиции. Денес силата на индивидуалната приказна, за жал, е погласна од гласот на индивидуата, што јасно се гледа и од тековните случувања поврзани со ИСИС кои упорно ја пренесуваат пораката дека тоа е света војна, војна на исламот. Ниедна религија не проповеда крвопролевање и насилство. Сите религии едногласно велат дека судбината на човекот е во рацете на Бога.

Позитивната дискриминација не поттикнува на развој и прогрес бидејќи определени структури во едно општество немаат потреба да се грижат за себеси и да се унапредуваат во професионална смисла затоа што нивното потенцијално работно место е однапред обезбедено. Луѓето се суштества кои реагираат врз основа на помала линија на отпор и нормално е да поминат полесно доколку можат. Ако некој нема потреба од дополнителен напор, мали се шансите да се убеди себеси да ја истрча дополнителната милја.

На крајот на денот, позитивната дискриминација е во суштина дискриминација. На вирусот се одговара со вбризгување антитела, не со вбризгување вирус. Така, ако тргнеме од логиката дека суштината на овој концепт е да промовира демократско општество без предрасуди и еднакви можности за сите, доаѓаме до разочарувачко сознание дека креираме општество на нееднакви и на подредени.

Р. Македонија денес нема потреба од мерки на позитивна дискриминација бидејќи постигна степен на демократски развој во кој треба да говори квалитетот наместо квантитетот. Р. Македонија денес нема потреба од уназадени мерки кои тивко го деградираат мнозинството на сметка на мала група која, доколку првобитно неафирмирана и неинтегрирана, имала и повеќе од доволно време да постигне рапиден развој и да го создаде интелектуалниот капацитет подобен да се натпреварува на исто ниво со останатите етнички групи. Р. Македонија нема потреба од политички алатки кои претендираат на етнички концепт кој е одамна заминат во историјата, туку има потреба од граѓански концепт кој ја искачува индивидуата и нејзините квалитети и способност да им се помогне на останатите во центарот на вниманието. Денес, Р. Македонија има потреба од прогресивна работна сила, демократски хоризонти и еднаквост на сите етникуми кои живеат под нејзиното знаме.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top