Во Македонија не постои опасност од поплави во поголеми размери доколку се повторат обилните врнежи како изминатите два дена, смета магистер Стевко Стефановски, раководител на Секторот за аналитика, процени и стратегиско планирање во Центарот за управување кризи.
Според него, нема потреба за паника бидејќи освен вчерашните поплави во Кумановско, каде што состојбата е малку покомплицирана за разлика од другите делови на територијата на Македонија, станува збор за мали излевања на водотеците на реките, кои не се невообичаени за овој период на годината.
– Се работи за мали излевања на реките како последица на голема количина врнежи за кратко време. Тогаш голема количина вода со голема брзина се слева во реките при што видно се зголемува нивниот водостој – вели Стефановски за „Република“.
Исто така, треба да се има предвид дека сега е есенски период и врнежите на дожд се очекувани. Пролетва на пример, имавме многу поголеми количини на врнежи на дожд без поголеми последици. Но, во овој период поради зголемениот обем на реките се создава и повеќе отпад во нив кој не дозволува правилен тек – додава тој.
Во однос на реката Вардар, како главен речен слив во државава, Стефановски вели може да се каже дека тој е многу соодветно регулиран, а исто така на водите од реките што се слеваат во Вардар се прават големи градежни зафати за превенција од поплави.
Во случајот со поплавите што синоќа го зафатија Куманово, граѓаните се навикнати постојано да ги обвинуваат надлежните авторитети за излевањето на реките, меѓутоа треба да постои заедничка соработка и структурни активности меѓу граѓаните и надлежните институции, за да се отстранат опасностите од излевања на реките во овој крај. Всушност, и кај граѓаните треба да постои јавна свет и одговорност за микросистемот во кој функционираат и нивно поголемо залагање и интервенција на загрозените подрачја, потенцира Стефановски.
– Освен тоа, Владата на Република Македонија, во соработка со надлежните министерства и локалните самоуправи со години презема опсежни мерки за чистење на коритата на реките и на одводните канали, со цел да се намали ризикот од нивно излевање и прераснување во поплави и секако, да се намали опасноста за животот на граѓаните – истакна Стефановски и додаде дека критичните точки т.н. „хот-спот“ им се добро познати на надлежните, бидејќи секоја година се повторуваат истите локации каде што има пораст на нивото на реките или нивно излевање од своето корито.
Што се однесува на временската состојба за наредниов период, искусниот метеоролог Глигор Митковски, за „Република“ изјави дека во наредниве денови нема најава за обилни дождови како тој што ја зафати земјава пред два дена.
Пишува: Јана Јосифоска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.