
Јас сум задоволна жена, вели писателката Румена Бужаровска, чија збирка раскази „Мојот маж“ синоќа беше промовирана во Младинскиот културен центар (МКЦ). Ова е трета збирка раскази на Бужаровска, по „Чкртки“ и „Осмица“. „Третиот маж“ е во издание на „Блесок“, а промоцијата ја водеше Илина Јакимовска. Студенти, професори, лица од јавниот живот синоќа дојдоа да ја проследат промоцијата на „Мојот маж“, во чии раскази, всушност, се говори за жената.
Во „Мојот маж“ секој расказ е приказна од нечиј живот, на жена чиј сопруг е поет, вдовица, љубовница, мајка… а во сите раскази има нараторка која зборува за својот маж, но,всушност, таа зборува за себе.

– Кога се раскажува во прво лице, нараторот е субјективен, така што читателот не знае дали да му верува или не. Токму таа нестабилна позиција ме примамува бидејќи читателите сами треба да извлечат заклучок за веродостојноста на приказната, судејќи според исказите на нараторот, мотивираноста да ја раскаже приказната на таков начин, како и според реакциите на другите ликови на тоа што го опишува нараторот. Тука има и многу премолчувања на кои самиот читател треба да им даде глас. Таквите премолчувања се чести кај нараторките во „Мојот маж“. Некогаш тие се резултат на вината што нараторката ја чувствува бидејќи,според лицемерните стандарди на општеството, таа е на извесен начин „неподобна“: може да не е добра мајка, да е љубовница, лезбијка, да не го сака сопругот, да е стара и како таква веќе да не е „корисна“. Со помош на иронијата, од друга страна, се случува и сомнителните ставови (шовинистички или националистички, на пример) на нараторките и на нивните сопрузи да се предмет на остра критика – вели Бужаровска.
Јакимовска, читајќи ја книгата раскази „Мојот маж“, заклучи дека сите женски ликови во расказите носат некоја вина во себе и оти ниту една од нив не е задоволна, па оттаму следеше прашњето дали Бужаровска е задоволна жена.
– Постојано велам дека сум привилегирана. Имам прекрасно семејство, одличен партнер, имам привилегија да работам прекрасна работа. Да, јас сум задоволна жена – вели Бужаровска, која работи како доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а се занимава и со книжевен превод.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


