Новоименуваниот амбасадор на Република Македонија во Соединетите Американски Држави Васко Наумовски вчера во Белата куќа се сретна со претседателот на САД Барак Обама на кого му ги предаде акредитивните писма, јави МИА.
– На кратката средба, претседателот Обама ја истакна подготвеноста за натамошна соработка меѓу двете држави и ми посака успешен мандат во Вашингтон. Јас притоа се заблагодарив за поддршката од страна на САД укажана во изминатите 20 години, и ја истакнав и определбата на Република Македонија за проширување на соработката во повеќе области – изјави амбасадорот Наумовски по средбата.
Наумовски пристигна во Вашингтон пред две недели, што значи дека Белата куќа релативно брзо го организираше предавањето на акредитивните писма. Вообичаено за ова може да се чека и по неколку месеци.
Наумовски, кој е и преговарач во спорот за името со Република Грција, најави дека негов приоритет во работата во Вашингтон ќе биде динамизирање на политичките односи, организирање настани за привлекување американски инвестиции во Македонија со промоција на технолошките, индустриските и здравствените зони, промоција на туризмот и унапредување на соработката во одбраната, безбедноста, образованието, науката и културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.