| четврток, 6 декември 2018 |

Втора победа за Лејкерс

Во најсилната кошаркарска лига НБА, синоќа беа одиграни четири натпревари, екипата на Лос Анџелес Лејкерс дојде до втората победа сезонава, откако на гостински терен ја совлада фаворизираната Атланта со резултат 114-109.

Најпрецизен кај победникот беше Коби Брајант со 28 поени, додека на натпреварот најефикасен беше Пол Милсап од Атланта со 29 поени.

Во екипата на ЛА Лејкерс се врати Ник Јанг, кој поради повреда ги пропушти првите десет натпревари, а ноќеска постигна 17 поени.

Македонскиот кошаркар Перо Антиќ во дресот на Атланта на теренот мина безмалку 18 минути. За тој период успеа да постигне четири поени, реализирајќи два пати за два поени од девет обиди, а имаше четири неуспешни шутеви за три поени. Македонскиот центар додаде и осум скокови.

На другите натпревари победи на домашен терен постигнаа: Милвоки против Њујорк 117:113 и Јута против Оклахома Сити 98:81, додека Сакраменто загуби дома од Њу Орлеанс со 106:100.

Вечерва се играат 11 натпревари: Кливленд – Сан Антонио, Индијана – Шарлот,  Орландо – ЛА Клиперс, Филаделфија – Бостон, Вашингтон – Далас, Бруклин – Милвоки, Детроит – Феникс, Торонто – Мемфис, Минесота – Њујорк, Денвер – Оклахома Сити и Хјустон – ЛА Лејкерс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top