Во најсилната кошаркарска лига НБА, синоќа беа одиграни 13 натпревари, од кои на седум славеа домаќините, а на шест гостите си заминаа со победа.
Атланта хокс дојде до својата шеста победа во низа откако синоќа славеше против Мемфис со резултат 96-86, воедно и 20. триумф на последните 22 натпревари. Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ на паркетот помина 17 минути и постигна 13 поени (3/4 за три, 1/1 за два, 2/2 за еден поен), надополнети со три скока и една украдена топка. Најефикасни во редовите на Атланта при синоќешниот триумф беа Тиг со 25 и Корвер со 14 поени.
Во дербито на Лос Анџелес, Клиперс без многу проблеми го совладаа тимот на Лејкерс. Целата прва петорка на Клиперс натпреварот го заврши со двоцифрен број поени, а најефикасен беше Блејк Грифин со 27 поени, девет скока и осум асистенции. Коби Брајант непрепознатлив, мечот го заврши со 4 поени, додека најдобар беше Кларксон со 14 поени.
Џејмс Харден со 21 поен и девет скока го предводеше Хјустон до првата победа против ослабениот Кливленд Кавалирс. Леброн Џејмс повторно не беше во тимот, па затоа улогата на лидер ја презеде Кајри Ирвинг со 38 поени, но не беа доволни за победа на домаќините.
Резултати НБА:
Голден стејт – Индијана 117-102, ЛА Клиперс – ЛА лејкерс 114-89, Минесота – Феникс 111-113, Сакраменто – Оклахома 104-83, Далас – Детроит 95-108, Денвер – Орландо 93-90, Атланта – Мемфис 96-86, Бруклин – Бостон 81-89, Чикаго – Јута 77-97, Филаделфија – Милвоки 77-97, Кливленд – Хјустон 93-105, Вашингтон – Њујорк 101-91, Шарлот – Њу Орлеанс 98-94.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.