Романскиот министер за надворешни работи, Теодор Мелешкану, изјави дека ќе поднесе оставка на денешната владина седница објаснувајќи дека тоа ќе го направи бидејќи не успеале сите Романци од дијаспората да гласаат на претседателските избори во неделата.
– Донесов ваква одлука како човек на честа во една држава, во која никој не презема одговорност – истакна Мелешкану.
Тој им се извини на сите романски државјани, кои со часови стоеле во редици за да можат да го остварат своето право на глас.
Во меѓувреме, романскиот премиер Виктор Понта изјави дека постои потреба за нов закон за гласање на Романците во странство. Тој нагласи дека ќе предложи формирање парламентарна комисија која заедно со претставници на државни институции и невладини организации ќе подготви нов закон за гласање во странство.
– Очигледно е дека Романија има потреба од нов закон и нова логистика за гласање на Романците од дијаспората. Во неделата во странство гласаа речиси 400.000 Романци. Во 2009 година гласаа 143.000. Многу е веројатно дека во 2016 година ќе гласаат повеќе отколку оние што гласаа во неделата – изјави Понта.
Новоизбраниот претседател Клаус Јоханис побара воведување електронско гласање и гласање по пошта за Романците што живеат во странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.