Најчесто не се заборава моментот кога првпат во живо во улога на дете го гледате првиот професионален спортски натпревар. За мене присуството на тој прв настан во придружба на родителите беше вистинско доживување, чувство кое тешко се опишува со зборови. Движење на топката и меѓусебно додавање со фантастична брзина, силно навивање со емоции и високо ниво на сплотеност на трибините, за дете од 5 години нешто неверојатно. На 7 септември 1994 година веројатно не сум имал доволно разбирање за основите на спортската игра – фудбал, за вредностите на екипите кои се натпреваруваат, за потребата од поттикнување на патриотските чувства, за емоциите на оние кои ме опкружувале, но до денешен ден не заборавам дека во тие моменти бев многу радосен, дека сите бевме облечени во црвени дресови, навиваме и го виоревме националното знаме, заедно ги бодревме играчите и заедно се радувавме на успехот на нашиот национален тим, кој играше нерешено со бранителот на европската титула Данска.
Изминатата саботна вечер бев крајно разочаран. Можеби силните емоции беа резултат на фактот дека нашата фудбалска репрезентација на грандиозниот стадион „Филип Втори“ неправедно го загуби натпреварот од Словачка (0-2). Без оглед на одличната игра и создадени, но нереализирани шанси, најмалку заслуживме да доживееме пораз. Но, сепак, моето болно чувство не произлезе од поразот, туку од глетката кон полупразните трибини и фактот што навивачите на противникот – Словачка беа погласни од нашите. Не, не го заслужуваат тоа нашите фудбалери кои и овој пат дадоа сѐ од себе, не го заслужува тоа Македонија. Гледајќи го прегледот од другите натпревари од квалификациониот циклус за европскиот шампионат и преполните стадиони во Англија, Белорусија, Италија и други земји, набљудувајќи ги нивните национални тимови кои заедно со публиката ја пееја нивната химна, силно скандираа и ги споделуваа чувствата на радост или тага, ме поттикна да апелирам и да посакам заедно со сите вас наредниот пат да ги исполниме трибини на стадионот „Филип Втори“, да прозвучиме громогласно и силно да им помогнеме на оние кои можат да нѐ вивнат во висините на познатите светски спортски хоризонти.
Националната селекција на фудбалери предводена од феноменалните Александар Трајковски, Бесарт Абдурахими, Ванче Шиков, Езгјан Алиоски, Агим Ибраими, Јован Костовски, Давид Бабунски и другите припадници на тимот претставува симбиоза на сето она на што може да се гордее нашата земја денес. Тие се млади, амбициозни, квалитетни и се борат за нашата соодветна промоција на големите натпреварувања, следени низ светот. За нив очигледно во изминатата саботна вечер најбитно од сѐ беше заедничката припадност кон единствениот национален тим и државата Македонија, чиј грб гордо го носеа на нивниот дрес. Нивните семејства, нивните другари, пријатели и симпатизери навиваа и го бодреа тимот и ја посакуваа нивната заедничка, а не индивидуална победа. Тие на дело ја претставија единствена Република Македонија, која обединета со своите различности претставува вистински и практичен пример за тоа како треба да ги разбираме, поттикнуваме и градиме меѓусебните односи во нашата земја. Без оглед на актуелниот спортски вредносен рејтинг (мерливо преку ранг листата на УЕФА), кој пак на нашата фудбалска репрезентација пред натпреварот ѝ го даваше статусот на аутсајдер, нашите фудбалски херои го одиграа мечот на високо професионално ниво, што како финална перцепција треба сите да нѐ радува.
Сега би требало да се запрашаме, што ние, навивачите и припадниците на оваа држава, сторивме за да на нашите млади репрезентативци им помогнеме полесно да ја исполнат својата задача, за да на крајот можеби заеднички се радуваме.
Почитувани, зарем и ние не требаше да бидеме дел од таа репрезентација, дел од тој мој замислен прекрасен амбиент и ден за слава на спортот. Во спортски жаргон, навивачите најчесто се нарекуваат 13. играч, но нашиот 13. играч како да ја избегнува одговорноста и не сака да го исполни својот дел од обврската и да биде присутен на теренот, спортски да поздрави и да даде дополнителен поттик на оние кои се борат на теренот.
Доколку се посакува успехот на нашата репрезентацијата и остварувањето на нереализираната можност за вистинско излегување на најсилната европска и светска фудбалска сцена, повеќе нема да можеме да го оправдуваме неприсуството на стадионот со наводно скапите карти (бидејќи тоа не е случај), студеното време (бидејќи и тоа не беше случај), недоволната атрактивност на противникот (Словачка е високо на ранг- листата на ФИФА), загубените шанси да се квалификуваме (бидејќи и по последниот пораз сѐ уште не е сѐ изгубено). Присуството на стадион на еден родител со своето дете, на брачните другари или долгогодишни пријатели, не само што претставува минимален трошок, туку е и можност да се видат, поразговараат, се дружат, споделуваат два заеднички часа, градат патриотски чувства кон својата татковина, верувајте тоа навистина нема своја цена.
Добрите политички и економски иницијативи заедно со спортот се комплементарни појави кои преку синхронизирано дејствување можат на најсоодветен начин да ја промовираат државата и надвор од своите граници и истовремено да ја зголемат нејзината реална вредност.
Драги сограѓани, живееме во време кога пристапот до спортот станува се поедноставен и видлив, опкружени сме со сѐ поголем број спортски објекти кои им отворија можности на младите не само да бидат пасивни набљудувачи, туку и активно да учествуваат во спортските активности. Практично популаризацијата на спортот, спортските активности и изградбата на голем број спортски терени се во духот на создавање здрава нација и развивање основна (grassroots) стратегија за идни спортски успеси.
Во прилог на изградбата на владиниот концепт за масовно спортување е и создавање база со висока персонална доза квантитет, присутна силна конкуренција и отворање можности за поедноставен избор на квалитетни спортисти.
Поддршката на нашите професионални екипи и национални селекции во ракомет и во кошарка, кои редат забележителни успеси, несомнено треба да продолжи, но, сепак, не би смееле да го потцениме ниту трудот, талентот и самопрегорот на оние спортисти кои го даваат својот максимум, без оглед на резултатите што ги постигнуваат.
Нашите репрезентации во сите спортови и натаму треба да бидат наша национална гордост, без оглед дали победуваат или губат, тие биле и ќе останат најуспешните промотори на државата и на сите нас низ светот. Наша задача е да ги поддржуваме, да ги бодриме, да навиваме, заеднички со нив да се радуваме и тагуваме, да стоиме гордо зад нив и во ниту еден момент да не ги оставаме сами и беспомошни, а трибините да бидат празни и бесполезни!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.