| четврток, 6 декември 2018 |

Прошетка низ историски тунел меѓу личности и настани што ја обележаа македонската историја

Музејот во третата година од своето постоење е меѓу трите најпосетувани музеи во Македонија, зад Спомен-куќата на Тоше Проески и Спомен-куќата на Мајка Тереза

Музејот на македонската борба за државност и самостојност, кој постои веќе три години и два месеци, останува меѓу најпосетуваните музеи во Македонија, пред сè, поради атрактивноста на поставката. Како ретко каде во Европа, има толку „жива“ поставка во која има и ученици од Средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ кои ја збогатуваат со играње и со пеење. Странските туристи се многу изненадени од поставката и често поставуваат прашања дали сега сме ги измислиле песните за нашите личности. Како е можно за секоја личност и настан да имаме песна? Водачите-едукатори им објаснуваат дека Македонците ги архивирале најважните настани од македонската историја благодарејќи на својот гениј и музикалноста со која се надарени на најубав начин.

– Странците прво се изненадени од тоа што го гледаат бидејќи, најверојатно, не очекуваат една таква „жива“, активна и толку интересна поставка. Влегуваат во историски тунел каде што се шетаат меѓу личности и настани. Сето тоа е проследено со еден соодветен амбиент, со амбиентална музика и звучни ефекти кои придонесуваат за добар впечаток. Секој петок организираме живи сцени во поставката и тоа е многу интересно за посетителите. Во соработка со музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ успеваме да ја збогатиме содржината, со пеење и со играње на учениците кои учествуваат во поставката, кои се облечени со автентични носии или со униформи. Децата се крајно професионални и ефектот е фасцинантен, предизвикува многу аплаузи, а кај нашите посетители многу солзи и емоции. Преку лето ни доаѓаат гости од дијаспората, кои реагираат многу емотивно – раскажува Бранислав Светозаревиќ, директор на Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-6

Во музејската поставка се презентирани 109 восочни фигури и 16 уметнички слики-портрети на најпознати македонски дејци, револуционери и интелектуалци, 80 уметнички слики – масовни сцени на значајни настани од македонското револуционерно минато, макети, карти, оригинални предмети, документи, фотографии, весници, брошури, албуми, оружје – сабји, кубури, бајонети, револвери, пушки, двогледи…

– Музејот не покажува само победници и јунаци, туку ги покажува и тие што на некој начин биле против каузата и делото. Има и лево и десноориентирани. Сите тие имале идеја за Македонија. Има и внатрешни и надворешни фактори, а сè со цел да се дојде до една вистинска слика зошто е Македонија ваква каква што е денес. Како што рече еден германски музеолог: На овој музеј му верувам затоа што навикнав да гледам само победници и јунаци низ цела југоисточна Европа изминатите децении – вели д-р Светозаревиќ.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-2

Според историчарот Светозаревиќ, со формирањето на овој музеј е направен чекор напред и обид за реално прикажување на историјата.

– Секој му верува на еден ваков музеј. Не постои ниту една држава и нација на светот што нема црна дамка – вели д-р Светозаревиќ.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-3

Музејската поставка опфаќа 12 одделенија, односно посебни тематски целини, хронолошки подредени, во кои е прикажана историјата на Македонската револуционерна организација со сите нејзини карактеристики и активности. Во првиот дел од поставката се прикажани ајдутството, реформите во Османлиското царство, Разловечкото и Кресненското востание, предилинденскиот период, Македонската револуционерна организација, периодот на Илинденското востание, периодот на младотурскиот режим, балканските војни, Македонија за време на Првата светска војна, потоа периодот меѓу двете светски војни, Народноослободителната борба. Вториот дел од поставката е посветен на жртвите на комунистичкиот режим, има сцени од Голи Оток и завршува со крајот на осумдесеттите години на минатиот век, кога се прогонувани и затворени последните македонски дисиденти, како Драган Богдановски и Ристо Шишков.

– Со отворањето на вратите на крајот од вториот дел се влегува во фоајето, каде што во центарот се наоѓа Декларацијата за независност поставена на мермерен под со стилизирано сонце со зраци на бесконечност и со еден прекрасен витраж направен од 14 илјади парчиња стакло со техника „тифани“ и со сите бои на Македонија. Сето тоа на некој начин симболизира дека сите жртви што се дадени за Македонија, сепак, не биле залудни. Сите народи немаат своја држава, но ние сме успеале во тоа – објаснува Светозаревиќ.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-4

Музејот досега го посетиле околу 140 илјади посетители. Од нив 30 илјади странци, 40 илјади ученици и студенти и од сите други категории граѓани. Секоја година расте бројот на странски посетители.

– Ние сме задоволни со овие бројки, но и многу работиме. Покрај оние туристи кои доа­ѓаат спонтано, ние работиме на организирани групи и воспоставивме многу контакти со туристичките агенции кои носат гости од странство, не само во Скопје, туку и во Охрид. Тие се мотивирани да ги донесат и навистина сме многу задоволни бидејќи успеваме на некој начин да ја збогатиме понудата на нашата држава. Она што е најважно е тоа дека може да се претставиме пред странските гости пред најмалку 10 илјади туристи и да ја претставиме културата на нашата држава. Во Музејот има ретка можност на посетителите за еден час да им ја прикажеме нашата лична карта, односно историјата како сме дошле до современата македонска држава – вели д-р Светозаревиќ.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-5

Во Музејот има и многу донирани предмети. Луѓето донираат предмети од нивните предци кои се поврзани со некаков настан и најголемиот дел од нив се дел од поставката. Тоа се предмети од некогашни партизани, комити, лични предмети кои биле реликвии во семејството.

– Тие семејства сметаат дека тие предмети ќе имаат своја смисла само ако се тука, во Музејот. Тука изложени може да ги видат илјадници посетители, да се регистрираат и да се заштитат. Овој Музеј се претвора во трезор на македонската историја, ние се трудиме сите оригинални предмети да ги сочуваме и изложиме. Имаме и голем број донации од колекционери, како што е Благој Механџиски, кој донираше многу вредна колекција од оружје, околу 100 парчиња од сите периоди. Многу сме им благодарни на сите што ќе подарат нешто – вели д-р Светозаревиќ.

Reportaza114-Muzej-na-VMRO-7

Денес збирката на Музејот брои околу 2.000 предмети. Од Музејот планираат идната година да направат каталог за збирката на оружје во Музејот, а до крајот на идниот месец ќе издадат и монографија за ликовните дела во Музејот.

Во Музејот функционира програмата „Музејот, пријател на децата“. На тие часови учениците во секциите – историска, литературна, драмска, ликовна – обработуваат една тема. По посетата на Музејот сите импресии тие ги преточуваат на хартија, како цртежи или песни. На крајот на годината им се доделуваат награди и благодарници.

– Анализите велат дека е зголемена заинтересираноста на децата за историјата. Тој непосреден контакт со музејската поставка, со предметите и личностите го дава својот резултат. Многу внимаваме на возраста и ја приспособуваме. Многу добар пример е Основното училиште „Кочо Рацин“, каде што направивме анализа која покажа зголемување на просекот по предметот историја – ја завршува својата приказна директорот Светозаревиќ.

 

(Пишува: Александра М.Бундалевска | Фото: А. Ивановски и Ѓ. Личовски
Текст објавен во 114. број на неделникот „Република“, 7.11.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top