Бизнис-интереси, но и лични интереси ја раскопуваат владејачката коалиција. „Сојузот за Македонија“ останува без Либералната партија на Стојан Андов. По присилната реконструкција на владата во неа остануваат СДСМ, социјалистите и ПДП. Местото на Андов во парламентот го зазеде Тито Петковски. Тој, пак, ќе одигра клучна улога да не распише референдум за предвремени избори под притисок на 220 илјади собрани потписи.
Во првата година на пазарот на медиуми, приватниот весник „Дневник“ во март го пренесува Андов на првата прес-конференција како опозиционер.
„Убедени сме дека на сите скорашни анкети на јавното мнение произлегува дека новокомпонираната групација што е на власт претставува резултат на изигрување на резултатите од последните избори. Во Македонија се воведува можноста политичката карта да се создава низ интриги кои вршат повреда на суверенитетот на граѓаните“, вели Андов.
Лидерот на Демократската партија, Петар Гошев, партнер на ВМРО-ДПМНЕ, посочува дека Владата прави карикатура од правниот систем.
„Владата е подготвена да направи вистинска карикатура од правниот систем, со што се создаваат потенцијални извори за нестабилност во државата. Власта е крајно исплашена од сознанието дека акцијата ќе успее и дека тоа е почеток на крајот на нејзиното недоволно компетентно и арогантно владеење. Пет години не се донесени кривичниот закон, законот за трговските друштва, законите за царински тарифи, законите за остварување фер и демократски избори и цела низа системски закони….“.
ВМРО-ДПМНЕ и ДП во март почнаа собирање на 150 илјади потписи за свикување референдум за предвремени избори. Собрани се над 220 илјади потписи со поддршка за само четири дена. Додека во Собранието се пребројуваат, пратениците ги менува уставните рамки, па Петковски објаснува дека „гласот на народот“ не е собран на начин кој гарантира легитимитет, односно не било спроведено потпишување во рамките на институциите.
И годинава приватизацијата на фирмите се спроведува и без потребниот капацитет. Особено за компаниите што се во стечајна постапка. Шест стечајни управници раководеле 700 претпријатија, а еден стечаен судија директорувал со 325 претпријатија.
Новите менаџери, пак, ги губат старите пазари, а за нови не станува збор. Се намалува производството, се отпуштаат работници. Бројот на вработени е во постојан пад, додека бројот на невработени нараснал за цели 7, 1 проценти, односно 229 илјади.
Дел од економскиот и политичкиот естаблишмент успева, под притисок, да го укине системот за контрола на приватизацијата, односно Службата за општествено книговодство. Така, преземањето на компаниите продолжува без надзор и со огромно доцнење на уплатите за преземените компании. Странските инвестиции изнесувале малку над 11 милиони долари, а за тоа влијае и непријателскиот став кон нив, вели Љубе Трпески, тогашен вицепремиер.
Таа година на големо се зборуваше за проектот „Ауди“. Додека од него се очекува дека ќе ја смени сликата на македонската економија, но и сигурност на политички план, во владата било соопштено дека „Ауди“ поставува неверојатно неприфатливи услови.
Кон крајот на годината почнува да се ниша и пирамидата од штедилниците. Весниците пишуваат дека штедачите на „Алфа С“ обвинуваат „НБМ е соучесник во грабежот на нашите девизи!“ „НБМ цели шест месеци од првата контрола во штедилницата „Алфа С“, која на околу 1.000 штедачи им украде 10 милиони германски марки, не презела никакви мерки за спречување на понатамошните дубиози“, обвинуваат штедачите.
За економската состојба во земјата говорат и дел од написите во весниците.
Мај – „Штрајкувачите пред Владата револтирани: Полицијата ни го растури шаторот“
„Од Министерството за здравство бараме да дојде лекарска екипа која ќе ја констатира нашата здравствена состојба бидејќи сите сме решени со штрајкот со глад да издржиме до крај“, вели секретарот на Унијата, Атанас Лефтеров.Јули – „Глигорие Гоговски обвинува: Владата ќе ја уништи текстилната индустрија“
„Трагичните последици од малициозните и нестручни решенија што ги нудат предлагачите на законот за царинските тарифи набргу ќе станат видливи – затворени погони, стечаи, отпуштања од работа, масовен револт“, вели генералниот директор на „Тетекс“ – Тетово во писмото до Тито Петковски и до Бранко Црвенковски.Август – „Вработени во ‘Македонија турист’ го обвинуваат директорот дека со лаги и уцени им ги собрал сите акции“
„Не тераше да потпишеме дека акциите, кои вредеа по 109 марки, му ги продаваме за по 10 марки или дека му ги подаруваме. Кој ќе се спротивставеше, беше распоредуван на ‘казнени’ работни места“ .Септември – „Слободна трговија: шверцерите стануваат бизнисмени?“
„Владата треба многу да размисли кога склучува договори за слободна трговија со други земји. Најчесто овие договори во себе содржат безброј замки, што во даден момент можат да бидат погубни за стопанството“, тврди академик Никола Кљусев, еминентен економист и премиер на првата македонска влада.Септември – „Производството расте само за чалам“
„Во последните месеци статистичарите ‘измерија’ пораст на физичкиот обем на индустриското производство, но експертите предупредуваат дека е рано да се зборува за тренд на заживување на економијата“.
Локални избори
Во 1996 година се донесоа Законот за локална самоуправа и Законот за територијална поделба на Македонија. Се одржуваат и локални избори, каде што се мереа силите. Во албанскиот политички блок се водеше тешка битка за Тетово.
Во подготовка на законот се наведуваа очекувања за урбанизација, но и намалување на миграцијата село – град.
„Со новата територијална поделба на Македонија на 111 општини се очекува да се зголеми урбанизацијата во државата, да се создаде комунална инфраструктура, да се задржи и врати населението во руралните средини, како и да се намали миграцијата село-град.
Просечната големина на општината со предложениот закон е 20 илјади жители со 222 километри квадратни, што е десет пати повеќе од европскиот проект. Со овој закон се врши операционализација на системскиот Закон за локална самоуправа преку мрежа на нови општини, со што се воспоставува нова реалност на локалната самоуправа“, пишува „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Груевски: Грантови за компаниите кои ќе ги рестартираат фабриките жртви на транзицијата
-
Димовски: Државата ќе помогне да се рестартираат фирмите жртви на транзицијата
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)


