| четврток, 6 декември 2018 |

Метју во името на розата

Будимка Поповска

Будимка Поповска

Додека поголемиот дел од „пучанството“ се занимава со будно следење на случувањата во турскиот мегахит „Сила“, во пауза меѓу две епизоди протрчува господин Нимиц и кажува нешто толку чудно што, веројатно, ќе биде инспирација за многубројни следни поколенија изучувачи на меѓународното право: вие допрва ќе ги откопувате своите антички корени, но треба да внимавате додека копате да не предизвикате тектонски нарушувања во лего-коцките што лежат како наслаги во вашата праисторија (Нимиц се смешка).

Така, во еден примордијален наплив на сентименталност ви доаѓа просто да го гушнете ова мудро и питомо старче коешто со години ја демонстрира старата ловџиска тактика на уморување на пленот додека самиот не се предаде. Но, не е ден на бесплатно гушкање.

Сиромашкиот, во меѓувреме правел вештачко пресадување на коса, добил седмо или осмо правнуче, расчистил со тестаментот, направил праведна распределба на недвижностите, а можеби и преживеал по некоја клиничка смрт овде и онде. За сето тоа време медијаторството се покажува како убав спореден приход околу кој нема потреба од многу вложен труд, бидејќи наликува на театарска ролја: кажувате текст што ви кажале дека треба да го кажете, се преправате дека сте жив, дека сте човек и дека имате волја и желба да бидете токму на тоа место и во таа улога во која ве пренесуваат новинските агенции, иако не сте нивен агент, не сте дури ни таен агент како во евтина пропаганда од времето на 007.

За тоа време, нашето реално шоу со јужниот сосед испадна како директен пренос од потрагата по светиот грал, при што секој од витезите што ќе се вклучи во потрагата, претходно мора да помине кратка дипломатска обука за најпознатите гафови во историјата на меѓународното право. Така побрзо и побезболно ја усвојува вештината на читање меѓу редови, внимателно слушање, моќ на разбирање на она што не може да се разбере, и на крај – умешност на проактивно местење посакувани ситуации како божем да се случајни или несакани.

Мора да признаеме дека сме привилегирани што имаме можност да бидеме сведоци на оваа политичка ентропија со глобални размери. Она што ѝ недостига на Кина, можеби, го има на претек во Европа, а она што го нема во Европа можеби го има во Бразил. Или во Канада, во САД или Мексико. Амазонија се допишува со Албанија, Кореја е во врска со Португалија, а за тоа време Бангладеш, Русија и Мадагаскар се во скришни преговори со Сингапур и со Туркменистан. Единствено јасното од целото прелевање е дека „има некоја тајна врска“ и дека богатите стануваат уште побогати, а на сиромашните им се зема и она што мислат дека е нивно. Додека средната класа тивко се фосилизира, далеку од очите на јавноста се случува уште еден цивилизациски скок – последица на поместување на плочите во дипломатската тектоника. Слично на феноменот на т.н. неперсонална свесност, техника што ја „измислил“ и вовел во практиката др Џол Јанг (Joel Young), успешно лекувајќи ги болните од депресија и биполарно нарушување.

Според зборовите на д-р Јанг, најдобар опис за тоа како дејствува примената на неперсонална свесност (non personal awаreness) е споредбата со начинот на кој сурферот го доживува бранот на кој сурфа: сурферот е целосно присутен во искуството што го има додека јава на брановите, а, сепак, во ниту еден миг не ја презема одговорноста за тоа како ќе се прекрши бранот под него… бранот не е ништо посебно, но е составен дел од неговото искуство. Сурферот не го обвинува бранот, не се бори против него, ниту е жртва на тој бран, и е сосема слободен да го доживее (бранот на кој сурфа).

И додека во светот на дипломатијата е недозволиво да се предлагаат варијанти за име според сопствено наоѓање, па и желба, можеби вреди да се размисли дали би вредело да се достави некаков предлог за помошно сценарио до продуцентот на турската серија, мегахит на Балканот, наречен „Сила“. Сценарио во кое ликовите би биле повеќе среќни, а помалку несреќни. Инаку, серијата почнува да не се разликува од вестите за кои важи правилото дека само лошата вест е добра вест. Кој и да го пишувал сценариото, го пренебрегнал раскажувачкиот принцип на Шехерезада од илјада и едната ноќ којшто со моќта на раскошната фантазија преточена во убава приказна, го плени вниманието на оној што ја слуша… Заборавил дека се работи за виртуелна реалност којашто може да биде креирана како што ти душа сака, и наместо со убавина, пленува со морбидност, претерувајќи со крвопролевањето, одмаздите, жртвите во име на „честа“ и атавизмот. Точно дека сме раскрсница на култури и цивилизации, но што е многу, многу е…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top