Португалскиот арбитар Педро Проенса ќе ја дели правдата на квалификацискиот дуел меѓу Македонија и Словачка, утре од 20.45 часот на арената „Филип Втори“ во Скопје.
Тој е еден од најдобрите европски судии, но и човек што имаше и неколку забележливи грешки на значајни меѓународни натпревари. Особено по лошо го паметат Романците, кои ги оштети двапати.
Најпрво во квалификациски циклус на дуел во Париз, каде што Франција ѝ беше домаќин на Романија, Проенса им призна гол од офсајд на домаќините. Лоик Реми го отвори резултатот во 83. минута од чист офсајд, но Проенса го призна голот. Романија загуби со 0-2 во Париз и испадна од игра за пласман на ЕП 2012 во Полска и Украина.
Потоа истиот судија беше делегиран на бараж дуелот за пласман на СП 2014 меѓу Романија и Грција во Букурешт. Домаќините остро реагираа до УЕФА и бараа Педро да не им суди, но одлуката не се промени и Проенса ја делеше правдата. И повторно ги оштети Романците, откако го призна првиот гол на Костас Митроглу од офсајд позиција.
Проенса имаше лоши моменти и одлуки и на дербито меѓу Бенфика и Порто, досуди непостоечки пенал за Порто на меч игран во 2009 година, а потоа бесен фан на Бенфика го нападна и му скрши два заба.
Македонските репрезентативци ќе мора да внимаваат и на авторитетот на финансискиот советник од Лисабон, судија кој лесно дава жолти и црвени картони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



