Тоа што е светлината за очите, воздухот за белите дробови, љубовта за срцето; тоа е слободата за душата на човекот, пишува Роберт Грин Ингерсол, еден од најпознатите американски адвокати на минатиот век. И навистина, слободниот човек може да има илјада желби, а поробениот само една, само да биде повторно слободен. Највозвишеното, најдрагоценото и најсуштественото чувство од кое се издига секоја човекова вредност и ја претставува во целина и смислата на човековиот живот, е слободата. Владетели, мислители, борци, херои, селани – слободата не именува социјална група бидејќи е темел на човековото достоинство, па низ призма на зборовите на Мартин Лутер Кинг, слободата никогаш не е благонаклонето подарена од окупаторот, туку е крваво открадена од поробените. Како пиреј на многувековна борба за слобода, македонскиот народ е еден редок пример за истрајноста и стремежот кон борбата за слобода и градење сопствена држава.
Живеејќи под оковите на Србите, Бугарите, Отоманската империја и фашистичкиот окупатор, крвта на македонскиот народ низ сите периоди била пролевана како данок со кој постојано се плаќала цената на слободата. Неодминливи се херојските подвизи на Карпош, востаниците од Разлог и Кресна, илинденците и партизаните како и многуте херои кои несебично по цена на својот живот ја платиле идејата за слободна и независна, автономна македонска држава. Во пресрет на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, во континуитетот на македонската борба и македонските востанија значајно место зазема и Народноослободителната борба, како круна за конечно формирање на македонската држава. Македонските борци на 11 октомври 1941 година ја почнале борбата против окупаторот. Борејќи се на првите борбени линии против фашистичкиот окупатор, македонските партизани биле носители на ослободувањето на Македонија од бугарските, италијанските и германските војски. Во почетниот дел на прогласот на АСНОМ до македонскиот народ од 2 август 1944 година, стои:
„Македонски народе,
Во деновите на најголемите световни стресенија, во времето на најкрвавата борба на македонскиот народ, твоето прво Народно собрание израснато од крвта на животите на најарните твои синови, во твое име излегува пред лицето на целиот свет да каже на пријатели и душмани, на сојузници и окупатори, на блиски и далечни, оти македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода“.
Следствено на прогласот и во екот на борбата, село по село и град по град; од Кичево и Струга до Струмица и Делчево, од Битола и Прилеп до Скопје и Куманово; по тригодишна борба, македонската територија била конечно ослободена и темелите за културен и национален развиток на македонската држава биле конечно удрени. Почнале да се отвораат македонски школи, се формирала македонска војска, македонски пари, македонска црква, односно секој суштествен дел на Македонија бил изграден од темел.
Да се биде слободен не значи само да се тргнат оковите, туку да се живее на начин кој ги почитува и возвишува слободите и правата на останатите, вели големиот Мандела. Денес Македонија претставува симбол на единството, демократијата и слободата на сите народи кои живеат под капата на нашата држава. Денес Македонија е редок бисер на соживот и богата традиција, вистинска културна и духовна ризница на Балканот. Како еден вид благодарница кон сите овие херои на минатото кои без двоумење го положиле својот живот за да ја уживаме оваа слобода која ја имаме денес, гордо стои проектот „Скопје 2014“, како проект кој евоцира спомени на болка и гордост, солзи и радост. Новите музеи и величествени градби, старите реставрирани цркви и други културни објекти блескаат со својата убавина и возвишеност, оставајќи го секој минувач без здив и полн со восхит.
Денес за мене „Скопје 2014“ не е само проект на културното и традиционално будење на Македонија, туку и ревносен соговорник на историјата, за која многу време единствено гласило беа само учебните помагала. Денес Скопје претставува и симбол на слободата, а слободата не е ништо друго освен шанса за напредок и подобрување. Скопје се развива и подобрува од ден во ден, заедно со него и ние. Да Винчи ги дели луѓето на три категории, и тоа: оние кои гледаат, оние кои гледаат што им се покажува и оние кои не гледаат. Јас во Скопје гледам камен-темелник на нашата историја и традиција, силен симбол на слободата и честа.
Честит ден на ослободувањето, Скопје!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.