| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен центар за музејска едукација во Музеј на Македонија

muzej na makedonija

Во Музејот на Македонија денеска е отворен Центар за музејска едукација кој ќе биде исклучително значаен извор за наобразба на младата популација. На отворањето на Центарот присустуваше и Елизабета Канческа-Милевска, минстерката за култура.

– Отворањето на овој Центар кое е предвидено како активност во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година ќе придонесе младите да се запознаат со непроценливите вредности на нашето културно богатство, ќе влијае врз издигнувањето на нивната свест за значењето и заштитата на културното наследство од кое секоја генерација треба да црпи чувство на припадност и идентитет. Отворањето на оваа нова организациона единица на Музејот на Македонија долгорочно ќе има голем бенефит во образованието и едукацијата на младата популација – изјави Канческа-Милевска.

Основната цел на новиот Центар за музејска едукација кој е прв од ваков вид во Македонија е преку практична и научно-истражувачка работа, прилагодена за одредена возраст и предзнаење на учесниците, младата популација да ги усвои елементарните информации за музеите, за историјата, археологијата, етнологијата. Секој од младите посетители ќе има можност преку различните дидактички материјали како на пр. Стелт-тач машината за релјефни цртежи, низ непосредна комуникација да се запознае со културните традиции на нашето поднебје и активно да учествува во програмите кои се осврнуваат на сегменти од нашето богато минато.

– Музејот на Македонија, веќе две децении има есенцијална улога во едукативниот процес на најмладите, едукаторите од оваа институција во овие 20 години, приказната за историјата на нашата земја ја раскажаа на над 30 илјади деца од училиштата низ Македонија. Со цел запознавање на децата со богатото минато на нашата земја, беше издаден и илустриран музејски водич за деца „Патување во минатото на Архидон и Архидонка“  – изјави Канческа-Милевска.

Музејот на македонската борба во изминатите две години успешно го реализираше едукативниот проект „Музејот – пријател на децата“ во чии рамки се одржаа креативни и едукативни работилници во кои беа вклучени повеќе од 400 деца. Оваа установа издаде и Музејски водич отпечатен на брајово писмо наменет за слепите и слабовидни лица кои на овој начин можат да се запознаат со богатите содржини на музејската поставка на оваа институција. Во едукативното одделение во Музејот на современата уметност во изминатите години поминале над 40 илјади ученици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top