Во Порта Македонија денеска беше промовирана книгата „Јавна и културна дипломатија“ на авторот Васко Шутаров која обработува проблематика и тема која досега не е доволно елаборирана ниту во Република Македонија ниту во регионот.
-Вредноста на ова дело е навистина голема, изданието ќе биде исклучително корисна алатка за аналитичко креирање и за развој на културната дипломатија на Република Македонија но, и мошне интересно четиво за сите љубители на културата, уметноста, науката и дипломатијата. Јавната дипломатија промовира одредена слика или пожелна перцепција за државата, одредени вредности,идеи или претстави,врз основа на уверливи факти, додека културната дипломатија, со своите специфики ги надминува целите на јавната дипломатија, од аспект на спецификите на јазикот и литературата, уметноста, креативните индустрии,образованието и науката .. Во овој контекст Шутаров во својата книга јасно ги дефинира поимите јавна и културна дипломатија, нивните содржини, нивната ефективност. Авторот прави анализа на културните дипломатии на 17 земји, ги посочува најдобрите примери и дострели на земјите, како и институционално- процедуралните рамки за креирање на културната дипломатија. Шутаров посветува посебно внимание и на концептот на националното брендирање кој е типичен за политичкиот маркетинг, како и на новите форми и трендови во оваа сфера. Посебно поглавје од ова значајно издание е посветено и на културната дипломатија на Р.Македонија, нејзиниот развој, формите на реализација, организациската концепција за нејзино креирање, сферите каде што се реализира како и перспективата на културната дипломатија, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Пред присутните говореше и авторот Васко Шутаров, кој истакна дека книгата е резултат од долгогодишниот интерес за темата на културната дипломатија. Во неа е вклучено и неговото неколкугодишно истражување во оваа област, како пратеник и претседател на собраниската Комисија за култура, а посебно како прв човек на нашиот Културно-информативен центар во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.