Зрелоста на македонската демократија ја докажуваме со тоа што нашиот современ политички систем и целиот постоен општествен амбиент веќе подолг период покажува силна одбранбена способност наспроти повеќето неуспешни обиди за нарушување на неговиот баланс. Демократијата не е возможно да се победи со антидемократски и безусловни барања, кои имаат за цел да ги задоволат само личните интереси на мала група граѓани. Тоа е неприфатливо, а, веќе гледаме, и тешкоостварливо. Уште потешко е кога ќе сфатиме дека во креирањето на погрешната слика, за жал, многу често одредени структури за остварување определени политички цели ги користат токму младите луѓе.
Деновиве во медиумите сѐ почесто, со определени презентации на своите концепти, ставови и изјави, се појавуваат организации што своите активности се обидуваат да ги претстават како младински активизам. Никого не би требало да го плаши моќта на критицизмот, особено доколку е конструктивен и посебно ако доаѓа од страна на младите сили бидејќи во секоја здрава демократија токму тие се носечката структура за развивање на инклузивен политички систем. Секако, од друга страна, потребно е да се избегнуваат ситуации во кои одредени младински организации наметнуваат скептицизам, внесуваат непотребно висока доза на критичност и присутен деструктивизам, односно преминуваат од младински активизам во теснопартиски опортунизам.
Повторно мораме да истакнеме дека за било кое демократско општество е неприфатлива солуција да го подржува постоењето на младински организации што го користат, но истовремено и го злоупотребуваат соодветниот пристап до квалитетни домашни и странски финансиски средства одработувајќи нечија туѓа агенда. Уште појасно е, кога ќе го утврдите заклучокот, дека таквите младински организации речиси никогаш не е возможно да ги видите да поддржат макар и една од големиот број проактивни политики и конкретни мерки на Владата на РМ, а кои служат во корист и интерес токму на тие групи што ги „заштитуваат“ – младите и нивниот активизам. Има голем број такви политики, од кои како исклучително позитивни би ги издвоиле: Кампањата за безбедност во сообраќајот; Кампањата за здрава исхрана; Мерките за вработување на млади лица итн…
Апсолутно е нејасно како организации што велат дека ги застапуваат интересите на младите луѓе истовремено не сакаат да се однесуваат соодветно во сообраќајот и на начин што ќе се заштитат себеси и сите други учесници во него, да имаат долг и здрав живот и да ги развијат своите претприемачки способности, односно да дојдат полесно до прво или ново работно место. Очигледно е дека организациите што не ги поддржуваат таквите политики не се активни застапници на своите врсници и се решаваат само заради заштита на својот интерес селективно да го гледаат тоа што го работи Владата, другите институции и организации, кои, несомнено, се подготвени за прифаќање поинакви конструктивни ставови и предлози.
Таквата категорија македонски граѓани и нивниот активизам тешко можеме да ги третираме само како младински активизам бидејќи е неприфатливо нерационалното однесување и обидите за спознавање на страните на светот без компас.
Во ова исклучително динамично време невладиниот секторот би требало да служи како заштитник на социјалните вредности на граѓаните и оттука треба да се стреми да ги заштитува реалните вредности на секое демократско општество, вклучувајќи го и нашето. Фактот што невладиниот сектор е носител на заштитната функција истовремено претпоставува дека секогаш треба да ја врши својата работа во интерес на граѓаните. За жал, кај нас, некои фактори во секторот на НВО сѐ уште не сакаат да ја разберат својата позиција и во наведениот контекст интересот на граѓаните го подразбираат како спротивставен од интересот на власта. Токму овде е и нивната клучна грешка, посебно во ситуација кога имаме Влада што се обидува да работи чесно, достоинствено и транспарентно и во интерес на подобрување на квалитетот на нашиот заеднички живот.
Веројатно не секојпат е препорачливо младите луѓе да учат од примерот на нивните (повозрасни и поискусни) политички тутори и ментори, а истовремено да се прикриваат под чадорот на секторот на НВО. Не, не сугерирам дека треба да се согласуваме за сѐ, далеку од тоа, и токму во таа насока препорачувам да се користат јавните дебати, каде што е потребно и возможно да се искажат различните ставови и да се побараат алтернативни начини за изнаоѓање на решение за секое отворено прашање. Но, како млад правник, со скромно професионално и животно искуството имам научено две основни работи: Прво, никогаш не коментирам политика или иницијатива за донесување на законодавство сѐ додека не ја видам како изгледа на хартија, и второ, никогаш не се држам апсолутно кон своите ставови. Првото правило е потребно да се применува бидејќи без да го видите предлогот за донесување закон на хартија секој коментар е коментар на памет, а вашите аргументи ќе бидат неосновани и нецелосни. Вториот одговор е во насока на конструкцијата дека на секој добар аргумент може да постои уште барем еден подобар контра-аргумент, кој доколку е квалитетно образложен и аргументиран често може и да го промени вашето мислење.
Демократијата подразбира отворени дебати и дискусии, а истите можеме да ги оствариме само во поблиска меѓусебна соработка со институциите во рамките на демократскиот систем на владеење, особено во ситуација кога истите изразуваат спремност за отворени дискусии околу сите прашања од заеднички интерес и кои недвосмислено можат да донесат просперитет и да го унапредат развојот на македонското општество.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.