Поранешниот советски претседател Михаил Горбачов по неговиот вчерашен разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел упати силен повик за помирување меѓу Русија и Европската унија , пренесе ДПА.
– Не можеме да дозволиме да дојде до појава на нов Берлински ѕид, рече тој по 40-минутниот разговор со Меркел, посветен на сегашната тензија околу кризата во Украина. Според него, сите треба да вложат напори и да се надминат актуелните проблеми.
Според германскиот владин портпарол, за време на разговорот Меркел од своја страна го истакнала големото значење на германско-руските односи на долгорочен план, и покрај сите разлики меѓу нив.
Горбачов (83), на крајот од минатата недела, во германската престолнина учествуваше во празнувањата по повод 25-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Оттаму тој силно го прекори Западот, а и предупреди на опасноста од нова студена војна во контекст на украинскиот конфликт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.