Поради многу причини, економски, политички итн., раздробеното ткиво на македонскиот народ ја наложува потребата за особена грижа за Македонците од целиот свет. Особено за нас, како народ кој мора да го обезбеди сопственото опстојување, е изострена потребата за негување на севкупната македонска заедница. Цврстата врска на македонската дијаспора со земјата притоа е вистинската неопходност. Препознатливиот етнички белег го создава сознанието што нѐ поврзува иако постојат и идејни, политички, роднокрајски, натурализирансни разлики. Впрочем, како што, повеќе или помалку, тоа се случува и кај секој друг народ.
Она што заслужува особена почит и восхит кај луѓето, без оглед на тоа каде и да живеат, речиси во секоја пригода, е манифестирањето на емоциите и покажувањето на приврзаноста кон Македонија.
Како израз на ваквата духовна состојба на нашинците и на реалните потреби доаѓа декларираната заложба на претседателот на Републиката, Ѓорге Иванов, дека за него како едно од приоритетните прашања е неговиот ангажман околу негувањето на односите на земјата-матица со дијаспората. Дотолку повеќе што во последниот говор на Академијата по повод Денот на револуционерната борба оваа година претседателот Иванов, со право, укажа дека Републиката е нашиот заеднички дом во светот.
Дијаспората е организирана во повеќе организации, од кои една, ОМД, овие денови одбележува десет години од своето основање и дејствување. Оваа организација ги обединува Македонците од дијаспората – покрај од Северна Америка, што значи од САД и од Канада, и од Австралија и од Европа. Поради својот опфат, влијание и активност, станува и најрепрезентативната организација на дијаспората во најголемите делови од светот, и како светска организација.
И токму тоа е добар повод, и ја покажува оправданоста, за да се постават некои од општите прашања околу релацијата на дијаспората и Републиката.
Имено, Организацијата, освен заложувањето за прашања од актуелниот живот на припадниците на дијаспората во земјите во кои актуелно се живее, ги поставува и многуте конкретни прашања што произлегуваат од релациите со матичната земја, Македонија. Такви се стекнувањето на македонското државјанство, претставувањето на нивните проблеми во републичките претставнички органи, гласањето, но и надминувањето на реалните проблеми што произлегуваат од нивниот третман во земјата. Каков што е случајот, на пример, дека на иселениците, иако имаат и македонско државјанство, во хотелите им ги побаруваат странските пасоши. Се разбира, поради разликата во цената за престојот за странски државјани. Тука се и проблемите околу употребата на пасошите на граничните премини и други моменти, што, сé заедно, матичната држава нужно мора да го регулира. Бидејќи разрешувањето на овие прашања помага и за постигнувањето на меѓудржавните спогодби за безвизен режим.
Колку е значаен актуелниот ангажман на Организацијата на македонската дијаспора за остварување на најзначајните национални интереси може да се согледа во десетгодишната грижа што таа ја пројавува за правата на Македонците и на македонските малцинства низ светот и за обединување на целокупната македонска дијаспора. Истовремено застанувајќи во меѓународни рамки во одбраната на македонскиот етнички и национален идентитет и во заштитата на човечките права на Македонците, секаде во светот. Таа го чини тоа и преку промовирање на македонското етничко потекло и идентитет, но и со настојувањето да се зачувуваат македонските традиции, промоција на македонските социјални и економски вредности, организирајќи образовни, социјални и донаторски програми. Паралелно со тоа што, во соработка со големите меѓународни заедници, се вклучува во промовирањето на универзалните идеали за мир, слобода, самоопределување, еднаквост и правда. И сосема е природно што Организацијата на македонската дијаспора мошне активно се заложува во поддршката на уставното и природно право врз името Република Македонија.
А тоа е начинот на кој придонесува во остварувањето на билатералните релации меѓу Македонија и нациите во кои постои како организација. Организацијата, со седиште во Вашингтон, во таа смисла особено настојува за подобрување на билатералните односи и пријателство со Соединетите Американски Држави.
Но, се чини, најзначајните активности се поврзани во создавањето сознание и обезбедување поддршка кај меѓународните субјекти за нужноста на членството на Македонија во регионалните и во меѓународните организации, какви што се Северноатлантскиот сојуз и Европската унија. Истовремено, силни се настојувањата да се обезбедат странските инвестиции во Македонија.
Во нашата јавност сме информирани за многубројните успеси на ОМД, како се ословува кратко оваа Организација, останува да ѝ го честитаме јубилејот и да ѝ посакаме натамошна плодотворна работа. А за доброто на македонскиот народ е пресудно да опстојуваме заедно насекаде низ светот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.