Понеделник, 10 ноември во 20 часот, во Галеријата на МКЦ, ќе се одржи промоција на „Вистинска вода“, поетска книга од Владимир Мартиновски. Интерпретација на поезија и музика со Оливер Јосифовски- бас и Ѓоко Здравески и Владимир Мартиновски – гласови.
„Вистинска вода“ е трет дел од театрологијата „Квартети“ , во која низ четирите поетски циклуси повторно имаме можност да нурнеме во едно поетско изобилство на музика, слики … и „вистинска вода“.
– Мартиновски и во овој најнов поетски ракопис е веднаш препознатлив по бравурозните поетски остварувања вдахновени од копнежот по непознатото, од игривоста сфатена како животна филозофија на светот надвор и внатре во нас, од љубовта што прегрнува и бара да биде прегрната поради обновата на нејзината моќ, од екстазата на малите возбуди што знаат да ни донесат големи радости ако правилно и великодушно проникнеме во нив, од Созвучната хармонична музика што ги обединува хоризонтите наоколу и ни ја облагородува душата – ќе рече Звонко Танески за оваа поетска збирка.
Владимир Мартиновски е роден 1974 година во Скопје. Тој е поет, есеист, раскажувач, книжевен теоретичар и преведувач. Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. За поетската книга „Квартети“ добитник е на престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. „Вистинска вода“ е негова седма збирка поезија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.