Планината Кожуф се наоѓа на границата меѓу Македонија и Грција. Изобилува со огромен воден потенцијал, а за планинарите и за љубителите на планината реката Дошница е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Во неа живеат пастрмка, клен, рак итн., а на Кожуф сѐ уште опстојува рисот како редок и заштитен вид. Од растителниот свет, застапени се најразновидни видови, но најатрактивни се лековитите билки и растението гол човек, кое е заштитено со закон. Тоа е единствено зимзелено дрво што двапати годишно ја менува својата црвеникава и лушпеста кора. Кога ќе го допрете, имате чувство дека допирате нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.
Името Кожуф значи кожувче од јагнешка кожа што го носат овчарите за заштита. Ова е место каде што можете да се засолните и да го најдете својот мир. Поради Граѓанската војна во Грција, планинските села овде се раселени. По должината на границата со Грција, што оди по врвовите на Кожуф, било забрането движење. Затоа дури сега го откриваме планинскиот масив Кожуф-Ниџе, a Кожуф остана последната негибната еколошка оаза во Европа.

Овде, на Кожуф, на само 210 километри од Скопје и на 130 километри од Солун, се наоѓа најновиот ски-центар во Македонија. Центарот е најсовремено опремен и располага со одлични услови за скијање.
– Досега во овој комплекс се инвестирани 19,5 милиони евра од домашни инвеститори. Изграден е двоен подземен далновод, асфалтен технички пат, комплетна комунална инфраструктура за 230 објекти, шестосед-жичарница, два ски-лифта, систем за технички снег, машини за подготовка на скијачки патеки, два ресторана, 16 апартмани итн. Во периодот 2010-2013 година Владата на Република Македонија инвестира во регионален пат во должина од 15 километри од Смрдлива Вода до ски-центар Кожуф – велат оттаму.

Без разлика дали ќе дојдете на скијање или на планински велосипедизам, планинарење, јавање коњи, риболов, висински спортски подготовки или за набљудување птици, на Кожуф ќе се чувствувате како џинови поради недопрената природа – шуми измешани од букови и од елови дрвја. Сите што имале можност да го посетат Кожуф останале одушевени од амбиентот. Буковата шума го дава најдобриот кислород за човекот кој во себе содржи антибиотски својства. Еловата шума произведува кислород богат со етерични масла што дејствува смирувачки. Под врвот Момина Чука има 33 извора, за кои локалното население вели дека имаат чудотворна планинска вода. Според нив, ако по ред се напиете од сите 33 извора, ќе живеете подолго 33 дена.
– Следната година скијачкиот центар Кожуф и официјално ќе го отвори својот планински велосипедски парк, и тоа со три патеки даунхил (downhill) и 12 ендуро (endure), односно крос-кантри (cross-country mountenbike) за сите категории велосипедисти. Изминатата летна сезона центарот работеше промотивно со два ресторана и апартмани за сместување, организирајќи велосипедски тури и патеки за трчање и за планинарење – ни рекоа од ски-центарот.

Доколку го посетите Кожуф во периодот од јули до септември, ќе имате ексклузивна можност да дегустирате овчо кисело млеко прелеано со планински мед и со свежи шумски боровинки, јагоди, малини и капини. Овчарите го викале мркало. Со досегашната изградена инфраструктура и со природниот потенцијал што го има, не само како зимски скијачки центар туку како целогодишен планински туристички комплекс, Кожуф претставува туристичка дестинација која ќе го отвори македонскиот туризам на светската сцена и ќе влијае врз целокупниот економски развој на регионот и пошироко во земјава.
– Единствена пречка во редовното работење на центарот претставува неодржувањето на новиот регионален пат што одвраќа голем број туристи и потенцијални инвеститори. Скијачкиот центар Кожуф очекува дека овој проблем ќе биде многу брзо разрешен со цел овој регионален пат да им овозможува сигурно и безбедно движење на сите патници – убедени се оттаму.

Меѓу богатствата на Кожуф се многубројните и ретки минерали на западната планинска страна, настанати за време на вулканските ерупции пред неколку милиони години. Особена разновидност на минерали има кај рудникот „Алшар“, кој е познат во светски рамки по појавите на талиум, посебно минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Лорандитот се користи во научни цели за детектирање неверојатно ситни честички, т.н. неутринати кои доаѓаат од Сонцето и укажуваат на тоа што се случува во неговата внатрешност. Рудникот „Алшар“ се наоѓа на триста метри оддалеченост од малото село Мајден. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата.

Во пресрет на скијачката сезона од ски-центарот најавуваат дека таа ќе почне во втората недела на декември.
– Со скијачки патеки со вкупна должина од 15 километри и систем на жичарници со капацитет од 5.400 скијачи на час, овој ски-центар е најголем во Република Македонија во моментот, но е далеку од можностите и од проектираниот капацитет за скијачкиот центар Кожуф кој во финална фаза би требало да изнесува вкупно 9 жичарници со капацитет од 25.000 скијачи на час и скијачки патеки со вкупна должина од 120 километри. На тој начин Кожуф ќе претставува најголем скијачки центар во југоисточна Европа. Во моментот се вршат сите подготовки за почнување на претстојната скијачка сезона која треба да биде отворена во втората недела од декември. Од оваа сезона СЦК се отвора на меѓународниот пазар со единствена понуда во цела Европа со пакетот „Комбо-фри рајд (Combo-Free Ride), кој претставува туристичка понуда што ја нудат само неколку центри во светот, повеќето во Северна Америка. Овој систем подразбира користење на жичарниците и на ратраците за трансфер на групи скијачи до патеки за слободно возење. Бидејки Кожуф располага со повеќе од 3.000 хектари, со овој систем се овозможува скијачите да скијаат цело време на недопрени скијачки падини. Ова е една од највисоките и најскапи сервиси во скијачката индустрија – ни раскажаа од ски-центарот Кожуф.

Овде се одржува и ликовната колонија „Михајлово“, чии почетоци датираат од 1996 година и на која досега твореле познати македонски и странски ликовни уметници, како Емил Шулајковски, Симон Шемов, Ставре Димитров, Владимир Темков и многу други.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 113. број на неделникот „Република“, 31.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


