Точно е дека Македонија е таа што сака да влезе во ЕУ. Точно е и тоа дека ако сакате да станете дел од еден богат и ексклузивен клуб како ЕУ треба да се откажете од дел од своите навики, доколку тие се штетни за идното заедничко живеење. Не е лага ниту дека ЕУ нема да плаче по нас ако не се согласиме со нивните правила и се откажеме од сонот за да бидеме нејзина полноправна и рамноправна членка. Тоа што во целата ситуација, која може да се опише со народната изрека „те тепаат, а не ти даваат да плачеш“, е сосема нелогично е зошто ЕУ во односот кон Македонија има двојни стандарди, а за тоа нема никакви практични причини?
Формалното објаснување на Копач е дека за ЕУ е неприфатливо тоа што рускиот државен гигант во проектот „Јужен тек“ во исто време е и производител и дистрибутер, а е и сопственик на 51 процент од проектот, што го прави континентален монопол, нешто што е недозволиво според европските закони. Дури и ако овие написи кои што први се појавија во Косовски медиуми се вистина а не пропаганда против Руското влијание во регионот треба да се знае дека во Македонија овој сооднос е 50% : 50% меѓу Гаспром и Македонската влада, со што паѓаат во вода сите аргументи на Европските енергетски власти. Се разбира, проблемот не е само Македонија затоа што таа не може ниту со количината, ниту со цените, ниту со малиот пазар да ги загрози европските правила. Проблемот, барем формалниот и засега официјален, е што рускиот гас преку Србија и Бугарија ќе внесе хаос и раздор на пазарот на енергија во Италија, Австрија и во неколку други членки на ЕУ.
Во неофицијалниот дел има и други моменти, кои не се споменуваат јавно, а тие се поврзани со влијанието што ќе го има Русија не само на енергетскиот пазар во регионот, туку и на политичките текови во Западен Балкан. Последната воена вежба во Белград, на која беше гостин рускиот претседател, испрати сериозни сигнали до Брисел и насекаде во ЕУ. Европските центри се загрижени, но, во отсуство на координирана акција, не се ни обидуваат да го решат проблемот на европски начин, туку на типичен руски начин, со сила и со закани.
Не може поинаку да се протолкува пораката на Копач дека ако Македонија продолжи со „Јужен тек“ ќе мора повторно да преговара за влез во Европската енергетска заедница (ЕЕЗ). Но веќе навикнавме на заканите. Тоа што најмногу боли е што вакви закани немаше кон Франција, која во екот на најголемите тензии во Украина извезува атомски подморници во Русија. ЕЕЗ и ЕК немаат проблем ниту со фактот што речиси 40 проценти од германската енергија доаѓа од Русија, а анализата ќе покаже дека и во тој случај „Гаспром“ е монополски позиционирана компанија, која, можеби, нема улога во дистрибуцијата на гасот, но има целосна контрола на енергетската состојба во најмалку седум членки на Унијата и, генерално, на европскиот енергетски пазар. Тие што не сакаат да го видат тоа сега молчат и се надеваат дека зимата пред нас нема да биде најстудена во последниве неколку децении и дека има доволно резерви во случај Русија, односно „Гаспром“, да ги затвори вентилите што минуваат преку Украина.
Се разбира, нема никаква логика со Копач да се отвора прашањето за почитување на меѓународни договори во контекст на спорот за Грција и да се прави аналогија со договорот со ЕЕЗ затоа што тој како евробирократ не може да каже ништо на таа тема. За ова прашање и за пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг не може да се зборува и со голем број други европретставници затоа што сите тие се прогласуваат за ненадлежни кога се фатени дека употребуваат двојни стандарди.

Еден ден САД, Германија и Русија ќе седнат на иста маса
Односите меѓу големите сили, пред сѐ, САД и Русија, во последниве стотина години минувале низ различни периоди од воена интервенција на руска територија по Првата светска војна, преку сојузништво во Втората светска војна, Договор за нов светски поредок на Јалта, Студена војна и за малку атомска војна за време на Кубанската криза, па сѐ до Договор за намалување на нуклеарниот арсенал. Кога е во прашање Германија, односите меѓу највлијателните земји низ блиската историја биле уште покомпликувани. За очекување е дека овој тренд на топло–студено ќе продолжи и понатаму, при што еден убав ден Обама или неговиот наследник ќе седне со Путин или со неговиот наследник и ќе се договорат за сферите на влијание и за поделби или за соработка. Тогаш, можеби, на Македонија ќе ѝ биде дозволено да го изгради „Јужен тек“, но прашање е дали Македонија има доволно евтина енергија мирно да го чека тој убав ден за светскиот мир. Кој ќе плати тогаш, по 10 години, а можеби и по 20 години, за тоа што Македонија како мал пазар со години плаќала гас речиси двојно поскапо од големите европски потрошувачи.
Исток би нѐ запишал за Запад да нѐ отпише
Во целата сплетка околу „Јужен тек“, со чијашто изградба Македонија може да обезбеди енергетска независност за најмалку 30 години, Брисел не треба да има никакви дилеми околу политичките аспекти на руско–македонскиот однос. За разлика од Србија, која јавно кокетира со Москва и за тоа не добива посебно остри закани и пораки, пред сѐ, поради отстапката за Косово, македонските власти и јавно и неформално остануваат без никакви дилеми на ставот дека ЕУ, а не евроазиска унија, е приоритет и единствена цел на оваа генерација Македонци и македонски граѓани.
И покрај тоа што анкетите меѓу македонските граѓани поврзани со украинската криза покажуваат исклучителна поддршка за Путин и за неговата земја, и покрај тоа што на Кремљ ќе му одговара македонските власти, соочени со неправдата од Грција, и со тоа на ЕУ и на НАТО, да кокетираат и со Брисел и со Москва, тоа не се случува.
За разлика од српскиот премиер Вучиќ, кој својата стратегија за балансирање меѓу западот и истокот јавно ја нарече „ЕУ и Русија“, ниту премиерот Груевски, ниту претседателот Иванов, а уште помалку лидерот на ДУИ, Ахмети, или кој било друг политичар во ниту еден момент не ја поставил дилемата за политичко приближување кон некој друг освен кон Брисел, како седиште на двете моќни организации кон кои се стремиме. Но тоа не значи дека, како што Германија реши да ги укине нуклеарните централи и да се грее на руски гас поради своите национални интереси, и Македонија не смее да го направи тоа што најмногу ѝ одговара во енергетска и во економска смисла. Во крајна линија, треба да се пресмета колкав е политичкиот ризик од прекин на членството во ЕЕЗ, но само доколку со тоа не се влијае негативно на другите односи со ЕУ. За финансиската придобивка од „Јужниот тек“ во наредниве пет до седум години, кога е извесно дека Македонија нема да влезе во ЕУ, е јасно дека ќе се мери во милијарди евра ќар за државата и за граѓаните.
(Текст објавен во 113. број на неделникот Република, 31.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филмска потера во Шпанија – Барселона е следна цел на терористички напад?
-
Европа окована во мраз, Русите ќе помагаат со зголемување на испораките на гас
-
Куманово се гуши со 10 пати поголема загаденост од дозволеното, гасификацијата на Заев е лага
-
Антикорупциска ќе го чешла тендерскиот скандал на Заев и неговиот сопартиец Андреевски


