Балканот е буре барут! Желби за туѓи територии, сон за големи земји… Европскиот регион во кој е сместена и Македонија во последните 200 години е бојно поле во кое народите се обидуваат да создадат големи национални држави во чиишто граници ќе ги стават сите предели во кои тој народ живее или, пак, имаат, според нив, историско право над некое парче земја. Колку е ова бесмислено, можеби, најдобро покажува податокот дека речиси за секое ќоше од нашето поднебје се „натпреваруваат“ најмалку два спротивставени концепти, а понекогаш и повеќе од тоа.
Се споменува голема Македонија, која ја покажува Македонија со територии на денешна Грција, Бугарија и Албанија. Македонија, која ги содржи егејскиот и пиринскиот дел. Во една пригода, еден македонски новинар испрати порака до тогашниот и до секој нареден државен врв. Иритиран од односот на Грција и на Бугарија и заканите за секакво вето, тој напиша:
„Нека биде ова мојата најеретичка мисла и порака до македонскиот државен врв: време е да настапиме со вистинските аргументи, без дипломатски ракавици и да го актуализираме прашањето за голема Македонија. Не да одиме на нож и да ја развиваме српската теза „сите Македонци во една држава”, туку да ѝ ставиме до знаење на меѓународната заедница дека за украдените територии бараме компензација во смирување на страстите на Грција и на Бугарија и нивно повлекување од офанзивата за промена на нашето уставно име. Да нѐ остават барем во ова малку што ни остана од етничка Македонија, да поживееме на раат!“
Голема Албанија
Голема Македонија е тивка. Таа е нечујна наспроти аспирациите на нашите соседи за создавање големи држави, особено ако зборуваме за Голема Албанија. Кога е прогласена независна Албанија во 1912 година голем број припадници на овој балкански народ останале надвор од територијата одредена од големите сили како простор на новата држава. Се претпоставува дека околу половина од популацијата не влегла во тие граници. Секако, тоа ги исфрустрирало албанските националисти. Идејата за етничка Албанија е декларирана цел на Призренската лига која во 1878 година од Берлинскиот конгрес побарала соединување на сите краишта во кои Албанците се мнозинство во еден единствен албански вилает. Големите сили тогаш ги игнорирале, но не биле игнорирани од страна на италијанските фашисти и од германските нацисти во текот на Втората светска војна. Тоа е единствен случај во историјата кога Голема Албанија од идеја на хартија во добра мера е пренесена во реалноста. По војната, Тито ја игнорирал одлуката на косовскометохиските албански комунисти за припојување кон Албанија и оваа територија останала во состав на Југославија (некои краеви во Македонија).
Спиридон Стефас, грчки историчар, смета дека ново во однос на времето од пред неколку години е тоа што идејата за Голема Албанија веќе не е табу-тема меѓу Албанците. Фактот на терен, според него, е дека не постојат граници меѓу Албанија и Косово и Албанија и Западна Македонија, каде што веќе е создаден заеднички економски простор. И српскиот академик, историчарот Драгољуб Живојиновиќ, вели дека процесот на создавање Голема Албанија одамна е во тек. Според него, тоа што е главно е дека Албанците денес имаат поддршка од САД, одделни европски и муслимански земји. Според историчарот, Србија е во тешка позиција, а најранлива е Македонија.
Бугарска земја
Македонија е најголемиот баксуз, ако може да се каже така, во тие желби за големи земји. Таа е интегрален дел и од желбата на големобугарските националисти. Како големоалбанските и големосрпските аспирации да не се доволни. За желбата наречена голема Србија ќе пишуваме во наредниот број, кога ќе бидат опфатени аспирациите на земјите од поранешна Југославија.
Корените на идејата за голема Бугарија, што самите припадници на оваа нација честопати ја нарекуваат бугарска земја, потекнуваат од Цариградската конференција на која Русија се обидела да ја натера Турција да создаде источен и западен бугарски вилает во чиј состав би дошле териториите од Видин и Ниш до Охрид и од Тетово до Тулча на делтата на Дунав. Станбол одбил, па Русија со војна ги натерала Османлиите да прифатат уште полоша варијанта, Санстефанска Бугарија. Исходот не ги исполнил руските желби. Тој не ги вклучувал Ниш, Лесковац и Покупње зашто кнез Милан му рекол на рускиот амбасадор дека Србија ќе им го даде Ниш на Бугарите само ако Русија ја стави неговата глава на Череп-кула. Исто така, оваа Санстефанска Бугарија не ја вклучува Северна Добруџа, но е отидено подалеку – кај Јадранот и уште подалеку на југ – до Солун, со што се создала компактна територија. Среќа Австрија застанала против тоа, па на Берлинскиот конгрес ова е коригирано и Бугарите не го добиле тоа со кое немаат никаква поврзаност. За време на Првата светска војна, кога Кралевина Бугарија била пријател на Виена, како и во текот на Втората светска војна, Бугарија повторно одела до Охрид, Сер, Приштина, Призрен и до Пожаравец зашто сметале дека цела Поморавија е етнички бугарска.
И доколку мислите дека за ова кај нашиот источен сосед веќе никој не сонува, секако грешите. Во прашање се маргинални групи, но не смее да се потцени моќта на лудите големи идеи. Пред една година ултрадесничарската бугарска партија Атака во својата декларација објави дека делови од Македонија и Србија населени со Бугари треба да бидат вратени на Бугарија. Тие се повикуваа на потпишувањето на понижувачкиот мировен договор од 1919 година со кој многу Бугари останале надвор од земјата. Србија и Македонија, според нив, не можат да се сметаат за држави наследници на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Србија, посочуваа Атака, не била прифатена во ОН ниту како наследничка на Југославија, а Македонија не била призната под своето уставно име. Овој спор, велат тие, треба да се реши пред Србија и Македонија да се приближат до ЕУ.
Големата идеја
Минатата година грчкиот преговарач Адамантиос Василакис на посредникот Метју Нимиц му понуди решение на спорот – Македонија да биде „Славјанско-албанска Македонија“. Поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, изјави дека тој предлог е на линија на тоа што го кажал Андонис Самарас уште во 2009 година како министер за култура, но во малку поинаква форма, со дипломатски речник. Тогаш Самарас во едно интервју рече дека Грција треба да продолжи да ја блокира соседната држава со сите средства и да чека државата да се распадне на голема Албанија и на голема Бугарија.
Се чини Грција дава поддршка на сонот на Албанија и на Бугарија, веројатно изоставувајќи го оној дел од Голема Албанија со кој се опфаќа и нивна територија. Но, ниту Грција не е без свој сон. Нејзиниот сон е наречен голема идеја. Тоа е називот на грчката верзија за иредентистичко-националистичкиот концепт кој имал цел, а кај некои има и ден-денес, да ги опфати сите простори населени со Грци, како и оние што историски се древни грчки области. Идејата настанала во 19 век откако Хелените се ослободиле од турското ропство. За престолнина би го имале Константинопол. Земјата ќе се наоѓа на два континенти, Европа и Азија, и би излегувала на пет мориња – Јонско, Егејско, Мраморно, Црно и Либиско. Денес овој концепт го поддржува само Златна Зора, која расте од ден во ден, од месец во месец, од година во година.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 113. број на неделникот „Република“, 31.10.2014)
ВТОРИОТ ДЕЛ ПРОЧИТАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.