„Трговијата е направена. Трампата е реализирана. Македонија, во деновите кога е пишуван овој текст, е единствената држава во светот без сопствено знаме. Старото, тоа со ѕвездата од Вергина, сега егзистира само на копчињата на полициските униформи и во мемоарите на тие Македонци што со носталгија се потсетуваат на великото царство на Александар Македонски… Затоа компромисот што беше направен во Њујорк никако не би можел да се оквалификува како целосен пораз на македонската дипломатија, ниту како триумф на спротивната страна. Скорот, имено, е ваков: Македонија и Грција се поразени, а победник е Америка… Да се вратиме на трампата со јужниот сосед. За неа неодамна на МТВ зборуваше и првиот човек на државата, господинот Киро Глигоров, објаснувајќи ја како голема победа на нашата политика… Како и да е, бајракот ни отиде курбан. Владата си ги изми рацете на тој начин што му ја препушти ’валканата‘ работа околу поништувањето на стариот и донесувањето на новиот национален ’флаг‘ на Собранието, кое, се чини, е подготвено да ги маркира сите проблематични одлуки на егзекутивата. Новото знаме, кога ќе го држите во рака овој број на ’Млад борец‘, можеби, веќе ќе се виори на бандерите низ градот“.
Овој извадок од весникот „Млад Борец“, објавен во октомври 1995 година, најдобро го опишува чувството на јавноста, недоумицата меѓу „победа или пораз“ на македонската политика ставена во менгеме меѓу економското ембарго од Грција кон нас, пред кое и големите сили замолкнаа, и ембаргото од нас кон Србија, за што, како што многумина денеска објаснуваат, „скокнавме во устата на лавот“.
За тоа како се дојде до ова идејно решение, „Нова Македонија“ во септември 1995 година пишува „Се раѓа ново сонце“.
„Зад предлогот-осумкрако сонце со хоризонтални, вертикални и дијагонални зраци што се шират кон рабовите, сега веќе стојат 90 пратеници, а за тој да се изгласа, потребни се барем 80 гласа. Амандмани за некакви измени, засега нема!… Одговорните луѓе во Собранието секој ден добиваат и по неколку предлози за поинаков изглед на новото знаме, а од тие поинакви идеи не се ’поштедени‘ ниту медиумите. Во тие реакции, било да се од поединци или групи, меѓу нив и уметници, во основа е незадоволството со новото решение (за чијшто автор се посочува архитектот Мирослав Грчев, иако во парламентот се инсистираше на тоа да не се споменува ничие име, туку сето тоа да оди како предлог на група пратеници)“.
Всушност, до промена на знамето и до договорот за замена на знамето за крената рампа не е дојдено ненадејно. Уште во јануари се пренесуваа грчките весници за „тајни состаноци“ на највисоко ниво меѓу Грција и Македонија.
За директни контакти на грчката влада со Македонија се открива дека станува збор и во доверливото писмо од 20 декември, со кое Кранидиотис своите претпоставени во владата ги запознава со резултатите од неговите контакти на Самитот во Есен. Писмото било испратено до премиерот Папандреу, шефот на дипломатијата Папуљас, како и до највисоките раководители во Министерството за надворешни работи. Во белешката, која, инаку, никаде не е објавена, наводно, се пренесува задоволството на европските партнери од еластичноста што ја покажала Атина спрема Скопје и Тирана. Кранидиотис … одново ги демантира вестите за тајни контакти со Македонија. Во врска со состанокот на 5 и на 6 декември тој рече дека се работи „само за официјален ручек и за еден сосема друштвен настан“, каде што се состанале Папуљас, тој, претседателот Глигоров и Црвенковски, при што додаде дека се разменети „неколку формални реченици“. „Елефтеротипија“ додава дека „сè посериозна станува можноста Грција на сопствена иницијатива да го укине ембаргото за Македонија“, што „можело да ја извлече Грција од ќор-сокакот во кој влезе поради фронталниот судир со Македонија“.
Во 1995 година, просечниот пораст на БДП изнесуваше 1,1 процент. Директните странски инвестиции изнесуваа 9,49 милиони долари. Во Македонија почнува да се практикува извоз на фиктивното македонско производство. Односно, пред да биде произведена, стоката се увезува во Македонија, а по неколку часа престој тука, се извезува во трети држави како „македонски производ“. Во ноември „Нова Македонија“ пишува за „перење пари“ и за шверц со цигари и со нафта.
„Перењето пари се карактеризира и по неговата адаптибилност со најразлични форми на пробивање, а опасноста за државата е уште поголема ако станува збор за општества во кои се фаворизира готовинското плаќање. Цигарите и нафтата – најпрофитабилен шверц во Македонија – пред очите на државата. Во последниве неколку години нашироко се зборува за шверцот со цигари, кои место во да се пласираат во странство, завршуваат на домашниот пазар, се разбира, без плаќање на давачките кон државата. Слично се случува и со шверцот на нафтата и нафтените деривати. И во двата случаја, станува збор за високопрофитабилен нелегален бизнис, што резултира со празна државна каса“.
Универзитет во Мала Речица
Додека Македонија надвор се докажуваше пред меѓународната заедница поради Грција, на домашен терен сè повеќе се креваше меѓуетничката тензија. Натегањата за употреба на јазиците, на албанскиот јазик во Собранието и во високото образование, ја достигна кулминацијата. Уште во јануари беа урнати бараките на, како што го нарекуваа, Тетовскиот парауниверзитет. Деканот Фадил Сулејмани, за кого веќе имаше подигнато обвинение, сепак, на 15 февруари ја отвори работата на универзитетот. На неколкудневните директни средби со полицијата пред камерите, но и на закажаните прес-конференции, Сулејмани повикуваше 50, 100, па и 200 илјади граѓани да го бранат образованието, постојано посочувајќи дека „тој не е политичар, но од тука нема мрдање“. Два дена подоцна, полицијата интервенираше и се судри со граѓаните. Резултатот беше еден загинат и повеќемина повредени. Министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, подоцна за медиумите оцени дека ставот на Сулејмани немал врска со образованието туку „да покаже дека македонската држава нема да го спречи да стори што било“. Всушност, додава, полицијата не реагирала за да спречи универзитет, туку да „ослободи државни објекти од узурпација за приватни потреби“. Деканот на универзитетот во Мала Речица поради немирите од пред универзитетот беше осуден на затворска казна од две и пол години.
Во парламентот пак 19 пратеници Албанци го напуштаат собранието протестирајќи поради затворање на универзитетот во Мала Речица и неможноста да говорат на албански јазик на собраниската говорница.
„Нова Македонија“ под наслов „Јалов радикализам“ пишува: „Не постојат реални шанси пратениците од албанска националност да ги остварат замислите во поглед на употребата на нивниот јазик во парламентарниот живот. Другиот дел од парламентот е непоколеблив во мислењето дека компромиси во тој поглед не смее да има“.
„Обидот формално независниот пратеник Сали Рамадани на парламентот да му се обрати на албански јазик доживеа завршница каква што беше очекувана – со прекин на 10. собраниска седница што се случи минатата седница. На ’микрофонскиот јунак‘ воопшто не му пречеше исклучувањето, па по официјалниот прекин на заседанието на говорница се задржа уште десетина минути. Единствени негови слушатели беа пратениците од албанска националност…. ’Претеравме со нашето трпение‘, изјави Насер Зибери, пратеник на ПДП ’за нас повеќе не држат аргументите дека говорот на албански се забранува во парламентот затоа што претходно не бил најавен… Што ќе се случи ако излезам на говорница и самиот обезбедам услови – реченица на албански, па потоа ја преведам на македонски јазик. Дали и во тој случај ќе бидам отстранет?‘, прашува Зибери“.
ДБК го „обработуваше“ ВМРО ДПМНЕ
Учесниците во подготовката на овој фељтон посочуваат дека за време на изборите во 1994 година воопшто не биле свесни дека сите предизборни активности на ВМРО-ДПМНЕ, секој митинг или собир, бил проследен со специјални сили и „снајпери“ на околните покриви. За тоа, велат, станале свесни дури кога биле отворени досиејата. Од тогаш, всушност, почнува најголемата обработка на ВМРО-ДПМНЕ, која, можеби, кулминира по атентатот врз експретседателот Киро Глигоров.
Александар Флоровски, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ е еден од „обработуваните“ од службите за следење поради „сомневање за тероризам и за уривање на уставните институции“. Најпознати се оперативните акции „Темел“ за следење на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и „Автомобил“ за следења поврзани со атентатот.
Тој се навраќа во времето кога Грција нудела дарови за Глигоров, како дел од спогодбата за името, а потоа и за обидот да се обвини ВМРО-ДПМНЕ за вклученост во атентатот.
– Тоа одеше преку службите. Човек од ДБК заедно со една група луѓе отиде „долу“ (во Грција, н.з.) и дојде со понуда. За понудата е реферирано кај Фрчкоски. Па Фрчкоски реферирал кај Глигоров. Понудени се пари и други нешта, но е одбиено. Но, моментот на понудата боли.
-Претпоставувам дека налогодавците (за атентатот) се од надвор, но ако немаш јатак во државата не можеш да го направиш тоа. А кој е најкомпетентен, кој знае по која маршрута ќе оди, колку телохранители има, во колку часот каде е? Сметам дека тој што го притиснал копчето и не е толку важен колку тој што го дал налогот и тој што дал логистика во државата. Во тој момент министер е Фрчкоски. Таа 1995 година ние бевме надвор од парламентот и чекавме по медиумите дали Фрчкоски ќе излезе да каже нешто. Затоа што обвинувањата од Стево Црвенковски беа јасни и веднаш излеговме со соопштение да не инсинуира и кажува прикаски, како што рече, „дека биле од Велес, со бради и со црни мантили“, јасно беше на што асоцира, и дека ВМРО-ДПМНЕ се оградува. Фрчкоски го немаше 10 дена, како во земја да пропаднал. Како може министер по атентат над претседател да го нема со ниеден податок? И по 10 дена излезе со една чудна теза за „бугарско-албански мафијашки групи“, „Мултигруп“ и не знам кој други и дека „можеби се тие“. Министер што ги има сите инструменти на располагање. Јас тврдам дека атентатот не можел да се случи без внатрешни структури, без структури на МВР, тоа го тврдам.
Тогаш се засили активноста на државната безбедност кон ВМРО-ДПМНЕ?
– Па тогаш се отворени акциите како „Автомобил“, за тероризам во земјата. Наредбата вели: „Дирекција, Втора управа; Линија на работа: Тероризам во земјата, со евидентен број тој и тој… предлог за примена на мерка тајно следење и набљудување во земјата – лице Флоровски Александар, роден таму и таму, живее во Скопје… Флоровски Алексадар е безбедносно интересно лице опфатено со оперативна акција ’Павароти‘ со псевдоним ’Паун’. Во последно време се добиваат сознанија – стои во образложението за да го прифатат – за однесување насочено кон уривање на уставно утврдени демократски институции во земјата, зачестени контакти со истомисленици од повеќе градови од Р. Македонија. Примената на мерката во врска со оперативната акција ’Автомобил‘ – атентатот на експретседателот Киро Глигоров – има за цел идентификувања лица со кои ќе контактира, видео и фотодокументирање на неговите контакти“.
Видете, ние немавме никаква врска со ова. Но, Киро Глигоров беше подложен на страшни критики од мене и од ВМРО-ДПМНЕ. Поради политиката што ја водеше, мислевме дека не е адекватна, но далеку е од умот ние да кренеме рака.
И седиштето на партијата било следено и прислушувано?
– Беше следено седиштето на регистрирана политичка партија, парламентарна партија, со 40 пратеници. Спроти нас, седиштето беше хотел каде што една соба беше постојано под јурисдикција на ДБК. Тука беа поставени од управата за следење, се снимаа сите што влегуваа, се прислушуваа разговорите. Од документите што ви ги доставив ќе видите како, на пример, конкретно за мене, пишува: „’Паун‘ излезе во толку и толку часот, го следиме по таа маршрута, излегоа со ’Лејди’ – Доста Димовска. Таму се видоа со други луѓе, посторно сите со псевдоними“… бевме следени сите носители на функции во ВМРО-ДПМНЕ.
Сè што можеше да се употреби против ВМРО-ДПМНЕ сѐ е снимено, а потоа многу материјали се уништени. Ова се снимени, па „симнати“, препишани, па се доставени до министер, начелник, заменик-началник, до тој што го дава предлогот, дадени се секаде.
Александар Флоровски беше пратеник што присуствуваше на протестите на граѓаните во скопската населба Ѓорче Петров, кои се противеа на изградбата на привремени живеалишта за бегалците од БиХ.
– Присуствував таму и држев говори. Едноставно, го слушавме народот, сметав дека местото ми е таму иако јас не бев пратеник од таа општина. Во Ѓорче Петров излеговме претежно вмровци, тоа е факт, тоа не се крие. Но, имавме среќа да извлечеме глава, затоа што постоеше наредба до посебната единица и дел од специјалците, ако се дојде до критичен момент, да реагираат. Случајно ги фативме како разговараат. Не е сега важно кој ги фатил, но имавме определена апаратура, која функционираше и ги фативме. Во еден сегмент се вели: „Флоровски ја бранува јавноста“, а еден господин, кој тогаш ја водеше посебната единица, му вели на човекот што ја водеше акцијата: „Ако многу бранува, искористи го моментот и прави што ти е наредено“. Па одвај ме извлекоа од таму. Но не бев само јас, беше и чичко Митко (Митко Атанасовски н.з.), беа и други пратеници од првиот парламент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Лустрацијата – недовршен процес (Том IX)
-
Груевски: Грантови за компаниите кои ќе ги рестартираат фабриките жртви на транзицијата
-
Димовски: Државата ќе помогне да се рестартираат фирмите жртви на транзицијата
-
Фељтон: Црните страници на УДБА – Борци за независна и обединета Македонија (Том VII)