| четврток, 6 декември 2018 |

Прошетка 3

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Прошетките по метрополата не се полезни само од здравствено–рекреативен аспект, тие имаат и своја духовна вредност. Всушност, секоја прошетка со себе носи и одредена поетика на просторот, таа ви претставува еден интересен дел од културата на една нација, а токму тоа ќе го восприемите од фасцинантните визури на градската архитектура што ја гледате по патот. Многу нации и граѓани се гордеат на своето културно наследство, кое во форма на градителските постигнувања ќе го видите на улиците, покрај авениите и булеварите, на бреговите на реките и морињата, но и по малите сокаци, кои на еден чудесен начин ве враќаат во времињата дамни и одминати, од кои ехото на животот што се одвивал пред многу години, еве, и сега одѕвонува во нашите когнитивни уши.

Во нашиот главен град, кој во последните неколку години доби еден нов архитектонски израз, благодарејќи му на фамозниот проект „Скопје 2014“, вистинско задоволство стана да се прошета човек, сам или во друштво, по централното градско подрачје и да ги полни очите, но и душата, со сите тие раскошни неокласични палати, кои кон сета монументалност што веќе ја поседуваат, имаат и една возвишена функција. Таа нивна цивилизациска и културна ролја ги прави уште пофасцинантни и длабоко оправдани како државни проекти од првостепено значење, нешто со кое еден народ и еден град добиваат историски димензии и значење. Тука, како на филмска лента се редат Археолошкиот музеј (здание со кое би се гордееле и најмоќните нации на планетава), Музејот на македонската борба (институција која го афирмира идентитетот и стремежот за слобода на еден од најтрагичните народи во поновата историја на Европа и светот), Македонскиот народен театар (прекрасен објект, кој, всушност, е реконструкција на срушениот стар театар, изграден уште во времето на српскиот колонијализам од периодот на Краљевина Југославија, односно – Вардарска Бановина – како што се именуваше овој дел од Македонија, кој при поделбата на нашата историска територија му припадна на кралството на јужните Словени, театар кој без поголема причина беше урнат од комунистичкиот режим, веројатно поради неговите буржоаски конотации, кои многу му пречеа на тогаш проникнатиот тоталитаристички систем и, конечно, институција и здание, по кое носталгично ламентираа многу генерации Скопјани). Тука, секако, е еден од најпотресните музеи, Меморијалниот музеј на холокаустот, едно од четирите вакви зданија во светот. Во заднината е тврдината Кале, која на чудесен начин го врамува овој преубав и колосален архитектонски и културен конгломерат. И тоа, секако, не е сè. Има тука многу брилијантни урбани содржини, со кои изобилува Старата скопска чаршија, најголема на Балканот. Исто така, на повидок се и некои нови проекти во процес на реализација, велелепни градби со раскошна архитектура, кои кога ќе бидат довршени, од централното градско подрачје на Скопје ќе создадат едно од најпосакуваните туристички дестинации во регионот.

Понатаму, при оваа епистоларна прошетка го поминуваме мостот „Гоце Делчев“, убав модернистички градителски зафат, кој во контекстот на фамозниот проект „Скопје 2014“ е декориран со монументални лавовски скулптури во бронза. Веќе од самиот мост пред вас се шири платото, на кое е сместена палатата на Владата на Република Македонија, еден преубав простор со парк и монументална скулптура на група борци од НОБ, направена во најдостоинствениот манир на соц-реализмот. Оваа зграда претрпе редизајн на фасадата, кој сè уште е во тек, иако веќе можете да уживате во уште еден преубав архитектонски објект, поставен на ова мошне деликатно стратегиско место во градот. Таа деликатност потекнува од политичкиот контекст на зданието – Влада на Република Македонија, нешто што кај сите политизирани личности и групи предизвикува посебно внимание. Да не говорам како ова место, кое е, всушност, епицентар на политичката и општествената моќ во државава, знае да магнетизира и инспирира на најразлични акции, луѓе, кои во својата идеолошка фрустрираност се подготвени на најекстремни дејства, како што се, на пример, терористичките напади.

А самата позиција на Владата како да се нуди за вакви безумни дејствија. Знаеме, на пример, какви се политичките афинитети на еден дел од населението зад ридот, каде што е сместено калето. Таму не недостасуваат умоболни херои, кои од чаталџиски причини на чиста манифестација на суетата би направиле трагична глупост. Исто така не недостасуваат криминалци, кои за одредена парична вредност би испукале неколку рачни гранати во името на таинствениот нарачател. А, непријатели оваа држава и нација има колку сакате. Да не ги набројувам сите, но би можел да ги акцентирам неколкуте најизвикани и, воедно, најсамопромовирани кандидати. Албанскиот великодржавен шовинизам и сепаратизам, исламскиот фундаментализам и тероризам, замешателството на големите сили, кои во име на застрашување на граѓанството и сеење хаос би предизвикале конспиративен терористички напад, опозициските екстремисти, кои веќе подолго време заговараат вооружен бунт за преземање на власта, но тука се и најразличните типови на манијаци (од типот на Херострат), кои преку насилни ексцеси сакаат да си обезбедат место во историјата.

И токму овие мои и сечии оправдани граѓански стравови се реализираа пред недела дена. Некој заслепен малоумник испалил две гранати кон владата на републиката на македонскиот народ. Тој психопат со одредена терористичка агенда си дошол (претпоставувам) на паркингот на калето со својот автомобил, ја извадил базуката од багажникот и ја рокнал зградата на владата двапати. Потоа си го прибрал оружјето и за помалку од минута се изгубил во лавиринтот на чаршијата… И сега нека го бара полицијата, отворајќи си задача, колку тешка и деликатна, толку мачна и провокативна. Зошто многу добро знаеме како функционира верската и етничката солидарност кај овие, во огромна мера, индоктринирани и параноични луѓе населени зад калето.

Е затоа треба добро да се размисли за дислокација на Владата на Република Македонија на некое друго, стратегиски многу побезбедно место. А такви места секако има многу во овој огромен, по површина, град. Што се однесува до овој прекрасно реновиран објект на владата, со мало преуредување би бил одлично место за национален музеј – нешто, што сè уште немаме, а ѝ е насушно потребно на македонската национална култура. Тој музеј би бил конципиран да претстава континуитет со Археолошкиот музеј на Македонија, каде што се претставени артефакти од праисторијата до раниот среден век, а токму тука, во овој нов музеј, кој би се реализирал во палатата на Владата, би била претставена уметноста на Македонија од средниот век до крајот на модернизмот. На тој начин оваа нација и овој град ќе добијат уште еден колосален храм на културата, а терористите ќе бидат исфрлени од игра како глупави и недоветни за аферите на културата, какви, во суштина, и се.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top