Во текстот, за кој треба да се знае дека е објавен од уредник на медиум што важи за еден од столбовите на владеењето на Самарас, Констандарас открива низа информации што не се тајна, но во исто време не се присутни ниту во грчката ниту во европската и светска јавност. Уредникот на „Катимерини“ во своите анализи ги урива надежите дека пет години откако Папандреу призна дека Грција е во длабока криза, земјата може да излезе од неа. Според него, шансите тоа да се случи наскоро се мали поради повеќе причини, а најголемата финансиска инјекција за една земја во историјата на светската економија не е доволна за да се елиминираат причините за сѐ уште потенцијалната опасност од банкрот на Грција и уривање на еврото како европска валута.
Главната причина е во тоа што кај јужниот сосед не се отстранети причините што доведоа до катастрофалната состојба, нема промена во политичкиот систем, ниту има нови сили што би се бореле против корупцијата и некомпетенцијата. Првиот човек на омилениот медиум на владејачката Нова демократија тврди дека е потребна револуција за да се сменат менталитетот и однесувањето присутно со години, при што стапицата во која се фатени Грците, создадена од политички и од економски причини, не може да ја промени состојбата.
Податоците објавени во „Њујорк тајмс“ се повеќе од фрапантни. Од 2008 година до 2013 година имотот на грчките семејства се намалил за 23 проценти или за речиси една четвртина. За разлика од 2009 година, кога процентот на Грци на работ на сиромаштија или влезени во немаштија се зголемил за девет проценти, од 27,6 на 35,7 проценти, што е превисока бројка, особено кога се работи за членка на ЕУ. Колку е страшна ситуацијата најдобро може да се види од сумата од една милијарда евра, која грчките граѓани ја додаваат секој месец на вкупниот долг од 75 милијарди евра, овде зборуваме само за долгот што го имаат грчките семејства и поединци, а не за долгот на банките, фирмите или на државата, што е посебна и уште пострашна приказна. Дополнително, долговите на име на неплатен данок се уште 70 милијарди евра во септември.
Јавниот долг на јужниот сосед, и покрај сите финансиски инјекции и простени долгови, продажба на државен имот и приватизации, сѐ уште е на фантастични 175 проценти од БДП. На целата состојба треба да се додадат и недостигот од свежи пари поради високите камати и највисоките даноци, кои го уништуваат бизнисот, како и лошиот тренд кај невработеноста. Во ситуација во која високите даноци нема да можат да се плаќаат ако останат во сила и во која систематски пропаѓа средната класа, колку што повеќе мерките за штедење остануваат активни толку повеќе Грција пропаѓа во дупката во која влезе пред пет години, смета уредникот на „Катимерини“, според кого политичката стапица е уште поголема.
Финансиската инјекција од 240 милијарди евра дадени од таканаречената „тројка“ – воопшто не ги пресмета политичките и социјални импликации од насилното наметнување промени направени под огромен економски притисок. За разлика од опозициските партии, кои добија поддршка во ситуацијата, владејачките партии не успеаја да го променат своето дејствување и да притиснат за потребните реформи. Пасок и Нова демократија, кои 40 години се менуваат на власт, во моментов со 155 пратеници од вкупно 300 во парламентот имаат мал простор за маневар, од една страна притиснати од меѓународните кредитори, а од друга од опасноста болните реформи да им го уништат рејтингот.
Западот му помага на Самарас, но веќе не му верува
По пропаднатиот обид на грчкиот премиер да ја елиминира директната супервизија и контрола на трошењето на државниот буџет, по што би се вратила можноста Атина сама да бара пари на финансиските пазари, Грција влезе во нов вител. Кредиторите и тројката сѐ уште не веруваат дека Грција е способна за самостоен финансиски настап, поточно и во Брисел и во Берлин и во Вашингтон знаат дека Самарас со тоа сакаше да обезбеди пари, кои ќе може слободно да ги троши на извесните избори. Веднаш откако пропадна неговиот обид, атинската берза падна за речиси 14 проценти за три дена, а каматата на десетгодишните обврзници се качи на повеќе од девет проценти, што е директна последица на недовербата дека Грција може сама да застане на нозе и дека предвремени избори ќе предизвикаат нова нестабилност.
Анкетите ја фаворизираат СИРИЗА
Резултатите од последните избори за Европарламентот одржани во мај и анкетите на истражувачките агенции се идентични, во водство е радикалната левичарска групација СИРИЗА, која ќе се мачи да формира коалициска влада. Дури и ако успее во тоа, владата долго ќе се занимава сама со себе пред да преземе важни политички чекори.
СИРИЗА е коалиција од неколку политички фракции, кои, сигурно, ќе имаат проблеми да се договорат со помалите партии што ќе се најдат во владата.
И во двете сценарија, во едното ПАСОК и Нова демократија да го плашат народот и светот дека СИРИЗА ќе донесе нестабилност и во второто дека СИРИЗА ќе ги блокира сите проекти во пресрет на предвремените избори, жртви ќе бидат граѓаните и, пред сѐ, економијата.
Последиците за Македонија
И покрај шпекулациите на дел од грчките и од македонските медиуми дека наскоро посредникот Нимиц ќе излезе во јавност со нов предлог за името, такво сценарио во моментов е несериозно. Една од главните причини е опасноста од нови избори во Грција, со што каква било дебата за името станува опасност за грчките политички партии. Новите избори се речиси реалност поради распоредот на силите во парламентот, како и поради рејтинзите на партиите. За неполни 120 дена завршува вториот мандат на претседателот Каролос Папуљас, а засега шансите да биде избран нов претседател се речиси минимални. За да се случи тоа, владејачките партии, кои можат да сметаат на максимум 178 гласа, и тоа заедно со независните, треба да соберат 180 гласа во Парламентот. Опозицијата, вклучително и Демократската левица, која ја напушти владата лани поради затварањето на Националната телевизија, веќе најави дека нема да го поддржи кандидатот на Самарас и на Венизелос, а ниту шефовите на Неа демократија и на ПАСОК немаат шанси да привлечат некои од своите стари членови или пратеници од други партии. Со тоа, во согласност со законот, стануваат извесни нови парламентарни избори во март 2015 година. Уште пострашно за процесот на решавање на спорот за името е што ако нема промена во анкетите, кој и да победи на нив ќе има невозможна мисија да формира нова влада, а воопшто да не зборуваме за стабилна коалиција, која би се зафатила со надминување на деценискиот спор со Македонија.
(Текст објавен во 113. број на неделникот Република, 31.10.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.