| четврток, 6 декември 2018 |

Дела на 20 македонски автори ќе се објават во странство (видео)

Министерството за култура за прв пат на почетокот на оваа година објави конкурс за странски издавачи, кој беше предвиден во Националната стрaтегија за развој на културата за периодот 2013-2017, и тој е една од многуте стимулативни мерки што ги спроведе Министерството за култура во изминатиот период во сите дејности од областа на културата.

-Со овој конкурс сметавме дека ќе обезбедиме еден посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи и ефективна промоција на македонското творештво но, и на нашата држава во меѓународен контекст. Во оваа смисла би сакала да изразам големо задоволство што оваа стимулативна мерка беше поздравена од сите автори и институции во нашата држава и што истата резултираше со навистина голем интерес од страна на издавачките куќи од Европа и светот, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во текот на оваа година во Министерството за култура пристигнале 40 пријави од вкупно 16 земји од светот (Канада, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Руска Федерација, Германија, Словенија, Белгија, Црна Гора, Албанија, Шпанија, Турција, Бугарија, Украина и Велика Британија). Стручната комисија врз основа на исполнетите критериуми на конкурсот по разгледувањето на апликациите направила селекција на 16 дела од современата македонска книжевност кои ќе бидат преведени на 11 странски јазици (полски, српски, руски, германски, словенечки, украински, хрватски, француски, бугарски, црногорски, албански). Досега се склучени Договори за превод на делата:„Храпешко“ на Ермис Лафазановски кој веќе е преведен и издаден на руски јазик, а ќе се преведува и на полски јазик; романот „Трите века“ на Саво Костадиновски на германски јазик, „Патот на јагулите (водената пирамида)“ на Луан Старова на руски јазик, романот „Вештица“ на Венко Андоновски на француски јазик,„Сестрата на Зигмунд Фројд“ на Гоце Смилевски на полски јазик,„Асхаровци“ на Трајан Петровски на српски јазик,„Балканскиот мегаетникум“ на проф.д-р Димитар Мирчев на словенечки јазик, детската литература на македонските автори Киро Донев и Натали Спасова, односно книгите „Првата љубов на Розевата улица“и „Весел ЗОО Парк“ ќе бидат преведени и издадени на унгарски јазик,„Антологија на современата македонска поезија-Семоќни струни„ на Ристо Василевски и „Огледало на вековите„ – избор од поезијата на Раде Силјан ќе се преведат на српски јазик, делото „Смртта има коса од морска трева“ на Игор Исаковски на хрватски јазик, избор од поезијата на Богомил Ѓузел на црногорски јазик,„Кога ни гореше под нозете“ на академик Катица Ќулавкова ќе се преведе на албански јазик и книгата „Поле, бојно поле?“ на Славе Ѓорѓо Димоски ќе се преведе на бугарски јазик

-Сите овие дела ќе бидат преведени и издадени до крајот на август наредната година. За преводите Министерството за култура обезбеди 2 милиони денари или 29.635 евра. Би сакала да потенцирам дека средствата за преводите соодвествуваат со најдобрите европски практики, односно тие се во висина на фондовите на најпрестижните грантови како оние на Традуки и европската комисија, подвлече Канческа-Милевска.

Комисијата во состав Нове Цветановски, проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири одлучила согласно исполнетите критериуми на конкурсот, да биде обезбедена поддршка за превод на уште четири нови дела од реномирани македонски автори на другите јазици. До крајот на ноември наредната година ќе бидат преведени и објавени делата:„Зад аголот“ на Томислав Османли на турски јазик ( издавачка куќа Есенкитап, Есен електроникс),„Сплаварот“ на Владимир Плавевски на полски јазик ( издавачка куќа Точка),„Посмртна венчавка“ на Паскал Гилевски на бугарски јазик ( издавачка куќа Пересеус паблишинг хаус) и„Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ на српски јазик (издавачка куќа Градац).



На прес-конференцијата, одоговарајќи на новинарско прашање, министерката за култура се осврна и на повикот на Роберт Алаѓозовски за објавување резултатите од Конкурсот за превод на македонска литература на странски јазици.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top