| четврток, 6 декември 2018 |

Паника во „Рајан ер“ откако патник тврдел дека носи бомба

rajan

Еден насилно настроен патник на ирската нискобуџетска компанија „Рајан Ер“ предизвикал паника меѓу патниците на летот од Малага за Велика Британија, плашејќи ги другите патници дека ќе го урне авионот, со бомбата што ја носи со себе.

Проблемите настанале, само десет минути по полетувањето од Шпанија, кога патникот чиј идентитет не се открива, прво почнал да се расправа со другите во авионот, а потоа почнал да и додева на една возрасна жена. Кога нејзиниот сопруг се обидел да ја заштити, од насилникот добил тупаница во лицето, по што останал нокаутиран.

За време на 2,5 часа, колку што траел летот, насилникот се расправал со стјуардесите, барајќи постојано да му даваат алкохол и пушел цигари, фрлајќи ги потоа отпушоците низ авионот.

Неколкумина помлади машки патници се обиделе да го смират и да воспостават контрола во леталото, откако тоа не му успеало на екипажот, но биле заплашувани со „бомбата“ што ја носи со себе.

Ситуацијата се смирила дури кога авионот се спуштил на аеродромот во Источен Мидлендс, кога на повик на пилотите, интервенирала полицијата од англиската област Лестершир, која го уапсила насилникот.

При претресот кај него и во неговиот багаж во авионот, не била најдена бомба, или некаква друга експлозивна направа.

Полицијата од Лестер соопшти дека насилникот е задржан во притвор и е обвинет за неколку кривични дела и престапи, како пијанство, насилничко однесување, претепување и пушење во авион.

Претставник на компанијата „Рајан Ер“ изрази жалење за инцидентот и за непријатностите на кои биле изложени сите патници. Некои од нив во изјавите за лондонските медиуми остро го критикуваа „неснаоѓањето и исплашеноста“ на членовите на екипажот, оставајќи ги патниците самите да се справуваат со насилникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top