Едукација на земјоделците за очекуваните ефекти од климатските промени врз земјоделските култури и сточарството е целта на двете студии што денеска беа промовирани во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рамки на Проектот на УСАИД за адаптација на земјоделството кон климатските промени.
Влијанието на климатските промени изразено преку температурни осцилации, нерамномерните врнежи, зачестеност на екстремни појави, како што се суши, топлотни бранови и шумски пожари, според заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, предизвикуваат негативни ефекти врз земјоделското призводство, шумарството, водните ресурси, безбедноста на храната и биолошката разновидност.
– Соочени со фактот дека земјоделството е еден од најранливите сектори од климатските промени, а при тоа се загрозени поважните земјоделски региони и стратешките култури на Република Македонија, неопходно е прилагодување на земјоделските политики, програми и инвестиции, кон климатските промени и преземање соодветни мерки – рече Костадиновски.
Министерството, додаде тој, ќе се фокусира на дефинирање соодветни мерки за прилагодување кон климатските промени и ќе ги имплементира во националните програми за поддршка на МЗШВ, а паралелено ќе работи на зајакнување на институционалните капацитети за ефикасно спроведување на политиките и мерките.
Со проектот за адаптација на земјоделството кон климатските промени, директот на мисијата УСАИД во Македонија Џејмс Стајн посочи дека им се помага на индивидуалните земјоделци да научат како да ги ублажуваат ефектите од климатските промени, преку нивна обука, како да ги заштитат посевите и добитокот од суши, бури и ширењето болести и штетници во услови на ненадајни температурни експлозии.
– Резултатите од првата студија за влијанието на климатските промени врз сточарството ќе дадат клучни насоки за иницијативите за прилагодување на сточарството, мерки за зајакнување на расната структура, подобрување на трасите за управување со фарми, воведување специфични прехранбени режими и зголемување на квалитетот на здравствената грижа за животните – рече Стајн, заклучувајќи дека половина од руралното население во Македонија економски е зависно од земјоделството.
Директорот на програмата за адаптација на климатските промени Петар Георгиевски информира дека во рамки на проектот мрежата за рурален развој спровела повеќе адаптивни земјоделски мерки за ублажување на негативното влијание од климатските промени во регионите каде што е најинтензивно, односно Кумановско, Повардарието и струмичкиот регион.
– На повеќе локации поставени се мрежи за заштита на земјоделски култури од сончевите зраци и град, спроведени се нови техники на режење за зголемување на лисната маса во лозарството, поставени се метеоролошки станици за мерење повеќе параметри, кои ќе помогнат во подготовка за поефикасна заштита – истакна Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности