| четврток, 6 декември 2018 |

Бошкоски со нова драма: Треба да му се помогне на судијата за да се ослободи од стравот!

Седмообвинетиот во случајот „Ровер“, Љубе Бошкоски, и на денешното судско рочиште не успеа да се воздржи и да остане смирен по што беше отстранет од судницата.

Бошкоски повтори дека не го признава Судскиот совет и бараше изоставување на судијата Илија Трпков поради, како што рече, неговата необјективност и пристрасност во водењето на судскиот процес.

– Ова е халуциоген процес. Барам психијатриско вештачење за судијата и членовите на Судскиот совет, со кое ќе се утврди дали ова лице може да го води овој судски процес. Треба да му се помогне на лицето И.Т. да се ослободи од стравот кој го носи – рече Бошкоски.

Тој запраша како може во овие две години да не се почитува ниту едно барање доставено од одбраната и побара да биде разјаснет последниот, според него, брутален однос на судијата и на Судскиот совет со кој, спротивно на Кривичниот закон, во 21 век се држи осмообвинетиот Зоран Трајковски во заложништво во согласност со новата одлука за продолжување на домашниот притвор на Трајковски.

– Зоран Трајковски дефакто се држи во заложништво, ова е класично киднапирање. Се измислуваат некакви фамозни законски членови кои немаат никаква врска со конкретниов случај – рече Бошкоски во неговото обраќање.

Не може едно преплашено дете да води сериозен процес, додаде тој.

На коментарот на судијата Трпков дека се труди коректно да го води процесот, Бошкоски бурно изреагира дека судијата може тоа на друг да му го кажува и револтирано му се обрати на судијата велејќи дека тој е психички нестабилна личност. Поради недоличното однесување, интервенираше судската полиција и Бошкоски беше отстранет од судницата.

Претходно, тој побара изоставување на судијата од случајот, на чие барање се придружи и обвинетиот Трајковски наведувајќи дека судијата го пробил законскиот рок за врачување на пресудата и му била нанесена трајна болка и траума, а семејството уништено.

Во текот на денот ќе биде донесена одлука на барањето за изоставување на судијата Илија Трпков од судскиот процес „Ровер“.

Во случајот „Ровер“ десетина лица се обвинети за помагање во нарачано убиство на скопјанецот Маријан Тушевски и неговиот возач Кире Јанев, кое се случи во 2001 година, во скопски Капиштец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top