Институтот за современи композити и роботика Прилеп (СКР), од денеска до 6-ти ноември, e домаќин на вториот меѓународен семинар на тема „Автоматизација во композитното производство”. Семинар на кој теорискиот аспект ќе биде претставен од врвни предавачи кои ги следат светските трендови во композитната индустрија и роботиката, а практичниот дел пак, ќе вклучи демонстрација на најсовремените технологии за процесирање на композитни материјали и производство на композитни делови.
Семинарот е причина за собир на група експерти од Русија, САД, Италија, Германија, Унгарија. Како претставници на водечките компании во авионската и автомобилската индустрија, истите во наредните неколку денови ќе дискутираат на темата, заедно со тимот научници на СКР и тимот експерти на Микросам АД.
-Гордост е да се биде организатор на овој меѓународен семинар, единствен од овој тип во државата и регионот, кој покрај врвни предавачи, нуди и практичен дел, односно демонстрација на најсовремените технологии за процесирање на композитни материјали и производство на делови од композитни материјали. Меѓу другите композитни технологии, на семинарот ќе се демонстрираат и технологиите за автоматско полагање на влакна и лента за производство на композитни делови за авиони и сателитски структури, со кои Микросам АД ја вбројува Македонија меѓу четирите земји во светот кои ја имаат развиено оваа технологија. Токму ваквата единствена можност ја прави агендата на семинарот интересна за сите врвни научници и експерти кои ги следат актуелните трендови во областа, велат од СКР.
Автоматско полагање влакна, автоматско полагање на лента, намотување на композити на комплексни делови, автоматско сечење на препрег, управување со машините и, прикажување на дел од производниот процес на истите, софтверски симулации, видео-демонстрации, предавања од светски високорангирани експерти во областа, споделување искуства,… се само дел од темите и активностите опфатени со агендата на семинарот, кој од денес ќе се оддржи во Прилеп, во организација на СКР, а спонзориран од Микросам АД.
Покрај опрема, на овој семинар ќе се прикажат и софтверските решенија кои Микросам АД ги нуди заедно со машините, а со кои се издигнува како еден од малкуте производители во светот кои нудат комплетни “клуч на рака” решенија за автоматско производство на делови од композитни материјали. Што се однесува до практичниот дел на семинарот – истиот ќе се изведе во лабораторијата која на едно место има in-house инсталирани машини од сите клучни технологии во индустријата за композитни материјали и нуди развој на нови технологии, дизајн на производи, прототипирање, тестирање и обука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.