Македонската репрезентација успеа да остане непоразена (27-27) на гостувањето во Чешка во рамките од второто коло од квалификациите за Европското првенство 2016 година во Полска и освои голем бод.
Тешкото гостување во Злин избраниците на селекторот Ивица Обрван го одработија максимално сконцентрирано, особено во второто полувреме. Во првиот дел одбраната беше таа што не фунцкионираше најдобро, и покрај расположениот Борко Ристовски, кој прими дури 18 голови, од кои дури 15 во вториот дел од првото полувреме. Во второто полувреме Македонија полека почна да ја топи предноста на домаќините, која на самиот почеток во 32 минута изнесуваше високи осум голови разлика (19-11).
Најприсебен беше капитенот Кире Лазаров кој на овој натпревар постигна 10 голови. Одлична соработка во нападот доби и од Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски. Во еден момент Македонија имаше можност да дојде до водство при резултат 25-25, но Кире не успеа да реализира пенал, а во следниот не беше досуден чист фаул на Стоилов на линијата од шест метри.
На голот, како и секогаш, беше феноменалниот Борко Ристовски кој успеа да фати 20 топки, од кои неколку во клучните моменти кога се кршеше резултатот.
Судиската двојка од Норвешка добро си ја заврши работата, иако можеше на неколку наврати да додели топка за Македонија.
Следниот натпревар од квалификациите Македонија го игра во април 2015 година против Франција на домашен терен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.