Сите сведоци на македонското осамостојување, посочуваат дека македонскиот референдум за независност, всушност е производ на притисокот од македонскиот народ. Дека резултатот на излезноста и бројот на оние кои ја посакуваа сувереноста на својата држава, Република Македонија, ги изненадија оние во државниот врв. Дека нивната неверица, на наследниците на комунистичката партија, била толкава што дури и немале подготвено никаков симбол, па плакатот бил производ на дел од медиумската јавност.
Желбата за осамостојување, желбата за независнот, желбата за одвојување од остатокот од југословенската федерација, поточно од српското водство, е видлива и од резултатот на првите избори, кои претходеа на референдумот. На прагот на плурализмот, во Македонија се регистрирани повеќе партии, но за разлика од сите кои во својата агенда ја имаат борбата за опстојување на Југославија, само ВМРО- ДПМНЕ јасно и гласно зборува, настапува и се залага за независна и суверена држава. И токму тој концепт победува на изборите.
И повторно, како и неколку пати до сега, доколку се анализираат и случувањата по референдумот, за прославата на плоштадот Македонија, како дамка и во актуелните денешни делувања останаа прашањата каде се сите тие лидери кои работеа за државата? Зошто на бината ги немаше ниту Бранко Црвенковски, ниту Стојан Андов, ниту Тито Петковски, ниту Петар Гошев… Всушност, како што и се толкува, тие „претпоставувале“ дека нема да има никаква измена во подредената поставеност на Македонците во тој југословенски систем.
Ако е потребно и натаму да се анализира, за тоа „кој ја туркал а кој бил влечен за нос за македонското осамостојување“, говори и додатокот на прашањето за кое, повикувајќи се повторно на сведоштва на присутни и актери на настаните, „биле повикани оние на кои (тогашниот претседател Киро Глигоров) можел да се потпре, (меѓу нив нема ниту еден од ВМРО- ДПМНЕ, иако ја поднеле и декларацијата за независност и сите други чекори кон самостојноста)“, за потоа на прашањето да биде ставено и таа додавка која никаде не може да се сретне на гласачките ливчиња на референдуми за независност, да се остави можност државата повторно да биде приклонета кон федерацијата од која се двои!
И по сите тие факти произлезени од документи, сведоштва и автобиогравски книги, колумни, документирани видео материјали, новинарот Бранко Героски уредникот на весникот „Слободен печат“ и порталот „Плусинфо“, во дебата на една телевизија, посочува дека македонскиот народ за самостојна држава во 1991 година не бил за самостојна држава, дека народот не сакал независност, туку дека тоа било „проект на политичка елита“, апсолутно без волја на Македонија.
-Чекајте бе луѓе, во 1990-91 година овој народ сакаше Македонија да биде независна држава? Дајте да не си играме играчки, тоа беше проект на политичката елита, проект на 20, 30, 50, 100 одговорни луѓе и најмногу од се’, последица на тектонски промени кои се случија, апсолутно без волја на Македонија. Така се случуваат работите- вели Героски.
Ставот на Героски, кој вечерва во емисијата уште еднаш повтори дека е опозиционер и човек кој е приклонет кон опозицијата, јасно го изразува ставот на најголемата македонска опозициска партија што мисли за македонскиот народ и неговата јасно изразена волја за самостојна држава.
За да му биде на Бранко Героски појасно, „да не си игра играчки“ со вакви ставови, за независност на Македонија, „ЗА“ на референдумското прашање од 8-ми септември 1991 година одговориле дури 96,46 отсто од граѓаните. Против беа 3,54 отсто. Героски можеби ги помешал „проектите“, па волјата на „одговорните“ наместо за референдумското прашање, ја пренесува за претседателските избори од 1994 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


