Македонската ракометна репрезентација ги почнува квалификациите за Европското првенство кое ќе се одржи во 2016 година. Селекторот Ивица Обрван ги има на располагање сите ракометари на кои смета во овој квалификациски циклус, а првиот натпревар ракометарите го играат во СЦ „Борис Трајковски“ со Швајцарија. Во претходниот циклус квалификации за Европско првенство исто така бевме во група со Швајцарија, која ја победивме двапати.
Фаворитската улога е на наша страна, но таа мора да се оправда утре во 17.45 часот.
– По првиот собир на репрезентативците успеавме да направиме само два тренинга. Вкупен впечаток е дека победата е поважна од добрата игра, која ќе се обидеме да ја поправиме во следните три дена кога следува натпреварот со Чешка на гостински терен. Швајцарија е изменета репрезентација, со нов селектор и неколку нови имиња во составот. Играчите не се во оптимална форма, но најважно е дека сите се здрави и желни за победа – изјави селекторот Ивица Обрван.
Наумче Мојсовски, кој се врати по тешката повреда на коленото, најави борба за првите бодови во групата во која се уште и Чешка и Франција.
– Амбициите на сите ракометари, па и на целокупната спортска јавност е да се продолжи со континуитетот на учества на големите натпреварувања. Франција е прв фаворит во групата, Чешка е одлична репрезентација, а Швајцарија е со изменет состав и ќе бара изненадување против сите останати фаворити. Го гледавме нивниот меч против Германија, играат цврста одбрана. Тоа е мотив повеќе да ги покажеме нашите квалитети и со две победи да ги почнеме овие квалификации – се надоврза еден од носителите на играта во македонскиот состав, Наумче Мојовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.