Навистина е тешко чувството кога нешто заслужуваш, кога нешто ти припаѓа, кога во него вложуваш голем труд и непроценливо време, а сепак не го добиваш. Сите околу тебе те убедуваат во правилноста на твоите постапки, ги поддржуваат твоите аргументи, ти велат да не се грижиш, што е твое и заслужено кога и да е ќе се исполни и сѐ ќе си дојде на свое место. Уште поголема е болката доколку тој што те ограничува во остварувањето на заслуженото е некој што самиот не го заслужува тоа што ти го посакуваш, некој кој претставува вирусоидна појава во системот. Во наведениот контекст се недоволни и тешкоразбирливи какви било оправдувања за непримерната злоупотреба на деструктивната моќ на тој што е внатре во системот, а во кој владеат таквите ограничувања.
Во таква ситуација се наоѓа Република Македонија денес. Таа болка е индивидуална, но и наша колективна. Верувам дека секој од нас, на некој начин, посредно или непосредно придонесувал и/или продолжува да придонесува во процесот на нашата евроатланска интеграција. Сите даваме свој инпут и очекуваме дека некој ќе дојде и, конечно, вистински ќе ја погледне таа слика што ја создаваме за себе и за нив, сликата на земја која постојано напреднува, која е реформски настроена и која ги негува вистинските вредности на европското семејство. За волја на вистината, тие доаѓаат, оценуваат, велат заслужувате, но нема да одите напред. Бидејќи мора да нѐ ограничат, истовремено и најчесто без реална поткрепа, измислуваат нови критериуми, нови одредници, нови забелешки, а кои во најголем број случаи не важеле за претходниците во истиот тој процес и веројатно нема да важат за тие што ќе влезат во истиот по нас. Но, тоа е таа суровост на геополитичката реалност.
Европската унија и НАТО градат за себе една возвишена слика за која тие мислат дека е реална, чиста, морална и едноставно остварлива, и дека во таа слика и ние (односно идните кандидати) мора да веруваме и апсолутно да ја поддржуваме. Интересен факт во овој момент е што на чело на двете организации стојат нови лица (ЕУ има нов претседател и нов претседател на Европската комисија, додека НАТО има нов генерален секретар) кои продолжуваат со истата, стара приказна. Господин Јункер (новиот претседател на ЕК) во едно од своите актуелни јавни обраќања порача дека Европа не смее да ги става растечките проблеми под тепих и дека нема да се однесува слепо кон проблемите со кои се соочува ЕУ. Истовремено, господин Столтенберг, новиот генерален секретар на НАТО, на неколку форуми истакнуваше дека НАТО е алијанса и семејство кое става примат на вредностите.
Нема да навлезам во суштината на разрешување на сите проблеми, ниту имам таква интенција, но фактот што одредена земја што е кандидат за членство веќе неколку години добива препорака за почнување преговори, при непостоење на јасно изразена консензуална волја од страна на ЕУ дека тој процес формално треба да почне, непобитно води кон заклучокот дека проблемите продолжуваат да бидат покривани под европскиот тепих. Од друга страна, слична е состојбата и со ставот на алијансата, која не прифаќајќи ја одговорноста за почитување на основните вредности и принципи на меѓународното право, јасно ја одбегнува сопствената обврска за давање примат на реалните над имагинарните вредности.
За мене станува сѐ појасно дека Република Македонија за тие организации ќе биде сокриен проблем и пример во кој е содржан висок степен на непринципиелност, но и нереални очекувања дека ќе се случи покорување на една европска демократска држава пред нелегалните и максималистички барања на своите соседи. Во целиот временски период од прогласувањето на нашата независност постојано ни се наметнуваат нови критериуми, нови забелешки и нови барања, кои, покрај другото, имаат цел да побараат што почисто излезно морално оправдување за нивниот досегашен и сѐ уште актуелен однос кон нас.
За нас станува повеќе од јасно дека Република Македонија треба да остане цврсто приврзана кон своите стратегиски надворешно-политички цели, особено земајќи го предвид и сознанието дека остварувањето на истите претставува обострана корист, како за нас така и за земјите кои им припаѓаат на тие организации. Тоа само по себе не би требало да значи дека на патеката кон остварувањето на истите цели и идеали е потребна нашата безусловна и апсолутна покорност, особено тоа не смее да биде случај кога таквата покорност би значела неповратно губење на идентитетот, јазикот, националната гордост и постоење, а кои се стекнати и неотуѓиви права и кои не ни припаѓаат само на денешните генерации, туку и на оние пред нас, како и на оние по нас.
Навистина е тешко чувството кога нешто заслужуваш, кога нешто ти припаѓа, кога во него вложуваш голем труд и непроценливо време, а сепак не го добиваш. Во текот на пишувањето на овој текст ѝ придавам дополнително значење на оваа реченица. Истовремено и натаму сакам да верувам дека квалитетно вложениот труд, истрајноста и визијата за постоење поубава заедничка иднина, ослободена од недоразбирања и попречувања во заедничкиот развој, ќе бидат победник над сите негативни појави кои биле и, за жал, сѐ уште се хедоцентрично насочени кон неостварливи цели. Верувам во правдата и праведноста и нивното издигнување над неправедноста и злото. Наша обврска е да продолжиме да се бориме со аргументите против силата наместо силата против аргументите и, секако, да продолжиме цврсто да чекориме напред со кренати глави, со верба во себе и во својот не така лесно стекнат пристоен углед, дигнитет и статус во меѓународната заедница.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.