| четврток, 6 декември 2018 |

Иновативноста е во малите нешта

Симона Јандревска

Симона Јандревска, Практикант во “Регионален Менаџмент”, Deutsche Bank AG Франкфурт, Германија

Економијата на секоја развиена држава се темели на иновација. Гледано историски, уште периодот на големата индустриска револуција претполага силни иновативни вибрации од страна на визионери и храбри поединци. Нормално, гледано низ призма на логистиката која државата ја обезбедува, иновативноста се смета заслужна за бенефитите кои ги ужива секоја следна генерација.

Не секогаш да бидеш иновативен значи да понудиш нешто сосема ново, непознато за пазарот. Всушност, многу често за иновативен се смета тој што ќе го направи процесот побрз, поевтин, поедноставен. Стив Џобс, еден од пиемонтите на технологијата денес, не се стремел кон создавање нешто што не постои, туку се посветил на подобрување на постојното и притоа револуционерно отвори нова епоха во светот на дигиталната комуникација. За тоа да функционира балансирано, потребно е континуирано унапредување на процесите. За еден процес, пак, да функционира, потребно е да постојат енергија и ресурси. Ако оваа енергија ја замислиме во човечки облик и речеме дека се тоа вработени во една фабрика, по аналогија тие вработени би требало постојано да работат на подобрување на секојдневниот след на активности. Во крајна линија, за да е тоа одржливо, потребно е тие вработени постојано да учат, да се усовршуваат и да гледаат подалеку од изготвениот план за работа. Некогаш, ќе биде потребно и да прават индивидуални, неврзани избори.

Ако ги замислиме големите корпорации како сложени административни и технички средини каде што се преплетуваат квалитетот и капацитетот, реална е тезата дека иновативноста на една индивидуа не може секогаш да достигне највисок дострел. Затоа, пак, ако ги земеме малите и средните претпријатија како директни инпути во економијата на една држава, како директни генератори на економски раст и работни места, тогаш навистина постои основа да се анализираат од аспект на промотори на идејата на постојано унапредување и усовршување. Тенденцијата на повеќето влади на развиените држави, а воедно и на Владата на Р. Македонија, е што поинтензивно актуализирање на ова прашање на развој на малите и на средните претпријатија. Така, во периодот од 2007 до 2013 година, дури 5.835 микробизниси се формирани преку програмата за самовработување, која има цел да ја намали невработеноста по пат на обучување на невработени лица со идеја за почнување сопствен бизнис. Логистичката поддршка е ефективна само доколку се искористи во даден момент бидејќи само тогаш има значење. Моментално во нашата држава под условите наведени во оваа програма сметам дека може да се говори за ефективност.

Верувам дека програмите од овој вид претставуваат вистински предизвик и воедно поттик за младите сонувачи и носители на движечки идеи, да се охрабрат и да најдат начин да ги преточат своите идеи во реалност. Верувам дека со добра стручна подготовка, добро разработен план за бизнис и внимателно изградена мрежа на контакти, сечија претприемачка идеја е чекор поблизу до замислената реализација. Верувам дека младите можат да се потпрат на оваа логистичка поддршка.

Иновативноста во една област може да биде дури и компромис меѓу старото, а испробано и новото, непредвидливо, но енергично. Пазарот е тој, субјектите го знаат и се слободни во неговата процена и евалуација. Она што субјектите можат да го користат како дополнителна стимулација се различните курсеви и тренинзи кои државата може да ги обезбеди преку разни програми, како што е тоа денес случај. Секако, за тоа да биде функционално, потребно е да постои интерес и идеја.

Живееме во умни општества каде што информациите се на дофат и каде што ресурсите се интелектуално неограничени. Живееме во општества на учени и учители. Живееме во општества каде што иновативноста нема димензија и нема граници.

Како што Хилари Клинтон го почнува својот мемоар, сите се соочуваме со тешки избори во животот и начинот на кој ги поднесуваме тие избори нѐ оформуваат како личности. Секој почеток е тежок, секоја идеја на почетокот можеби не ветува многу. Со напорна работа, верба во себе и стремеж кон перфекција, и малите нешта можат да станат подобри, побрзи, поефикасни. Со напорна работа, иновацијата може да ни биде најдобар пријател.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top