| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирани уште 30 нови дела од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“

Триесет нови наслови од планираните 560 од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ беа промовирани денеска во Скопје. Досега се преведени и промовирани вкупно 360 дела, а до крајот на годинава треба да се промовираат 50 нови.

– Секое од овие дела има свој значаен удел во продлабочувањето на разбирањето на човештвото со сите негови посебности, традиции, размислувања и перцепции за светот околу нас. Без оглед на жанровската припадност секоја книга носи дел од авторот чии согледувања за животот и времето во кое тој живее се непроценлива можност за секој читател да се прошета низ времето, државите и мислите на писателот, истакна премиерот Никола Груевски на денешната промоција на новите дела од оваа едиција.

Во нив, меѓудругите се застапени, јапонски поети, Толстој, Херман, Мелвил, Платон, Пјер Бомарше, Михаил Шолохов, Џон Штајнбег, Карл Јунг, Вилијам Голдинг…

-Застапени се широк спектар автори од различни позадини, култури и времиња. Секој од нив ни цртал уникатна слика за светот и со тоа ни го збогатува и нашиот свет и претстава за нештата за кои се обраќа писателот преку својата книга. Токму ваквите квалитети кои ги поседува пишаниот збор, ги прават книгите поттикнувачи на фантзијата и извор на инспирација за нови размислувања и идеи. Читањето и натаму го збогатува умот и ја облагородува душата, рече премиерот.

Водејќи се од оваа мисла, додаде, ние продолжуваме со реализација на овој проект бидејќи единственото вистинско богатство нешто што е вистински неотуѓиво е ширината на умот која, пак, се храни од мислите на авторите меѓу кои и оние чии дела денес ги ставаме на располагање на сите наши граѓани.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека и овие нови дела на светската книжевност, рушејќи ги јазичните бариери, на македонската читателска јавност ќе и откријат нови светови, нови хоризонти, и ќе и овозможат осознавање на вредностите кои имаат цивилизациско значење.

– Во новите 30 наслови кои денеска ги промовираме се застапени стиховите на старите јапонски поети, приказната за осаменоста на човекот на Шикибу преточена во Приказната за Генџи. Тука се и запишаните мисли за животот, човекот, мудроста, во Платоновите избрани дијалози. На секој читател од денеска ќе му биде поблиска борбата со природата преку Моби Дик, „лажните ликови“ во Планетариумот на Натали Сарот, праведноста на Стендал во Црвено и црно, расказите на Музил, Човековата судбина на Шолохов, расказите на Лу Син и Есеите на Борхес, исмејувањето на хипокризијата на Бомарше во Женидбата на Фигаро. Ова се само дел од најновите преведени наслови кои ќе и овозможат на нашата читателска јавност разговор со најголемите умови на изминатите столетија, истакна таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top