Р. Македонија, земјата рангирана на престижното второ место според истражувањето на EUCham за 2014 година, кое истражување дава одговор на прашањето; каде во Европа наједноставно, најефтино и најбрзо може да се отпочне сопствен бизнис? Листата на топ 5 држави започнува со Ерменија, како држава каде процедурата за отпочнување бизнис е најкуса и проследена со најниски трошоци. Веднаш по неа следи Р. Македонија, со единствена разлика во трошоците кои инвеститорот односно претприемачот, треба да ги сноси. Интересно, доколку се земат предвид сите мерки кои моментално Владата на Р. Македонија ги дава како еден вид кредитирање на идните претприемачи, во насока на доближување на идејата на нов систем на напредно и претприемачко општество, верувам дека трошоците ни во најмала рака не треба да бидат сметани како пречка. Веднаш по Р. Македонија следат и Грузија, Азербејџан и Литванија а која листа е составена врз основа на податоци преземени од извештаи на Светска Банка и други релевантни институции. Корисно да се забележи е дека, според овие рангирања доколку во една западно-европска држава се потребни околу 5 постапки во времетраење од 12.8 денови, во прворангираната Ерменија потребни се само 2 постапки и кус временски интервал од само 4 дена. Најниско рангирана е Босна и Херцеговина на далечното 44то место, каде тешкотиите при започнување на сопствен бизнис во голема мера корелираат со комплексниот политички и административен систем на државата.
Доколку пак го погледнеме извештајот на Doing Business од 2014 година, можеме со задоволство да констатираме раст на позицијата на Р. Македонија на високото 26то место, само 4 места подоле од една од најразвиените Европски земји- Германија, а во ист ранг со останати високо развиени земји како: Јапонија, Холандија, Швајцарија, Австрија. Иако меѓу младите земени со резерва, овие бројки говорат за тоа дека дефинитивно вреди човек да се обиде.
Што се случува со нашата младина во меѓувреме?
Се чини дека се повеќе популарно станува решението познато како “braindrain”, односно одлив на мозоци кое безмислосно ги атрофира државите, ја дисхармонизира демографската структура и во ниеден начин не придонесува за напредок на едно општество, развој на една држава. Трендот на претворање на општествата во “пензионерски” наместо општества на млади и прогресивни сили, ја преплави цела Европа, се почесто станува проблем и на земјите на ориентот а за оние кои го читаат познатиот професор Штиглиц, веќе одамна се свесни дека е проблем и на Соединетите Американски Држави. Се поставува прашањето, каде се младите?
Сериозните нарушувања на социјалните структури во една држава се всушност чумата на денешницата. Истите тие нарушувања се тесно поврзани со опаѓачките трендови на демографските структури кои треба да прикажат состојба на врамнотеженост. Се почеста е појавата на “градови на духови”, места од кои младите масовно се иселуваат најчесто во други држави. Дискутабилно е прашањето дали во овие држави работат на струка, или пак немо се согласуваат да се интегрираат во систем кој не им е близок, а кој по нормален след на околностите доколку не би се чувствувале “приморани”, би им претставувал прва опција. Во меѓувреме, општествата а со тоа и државата тонат во бездна без дно.
Во духот на покојниот српски премиер Зоран Џинџиќ, доколку треба да проголташ жаба- стори го тоа веднаш без двоумење. Доколку треба да проголташ повеќе, почни од најголемата. Така, многу е веројатно да се претпостави дека поголем дел од младите говорено на светско ниво, имаат проблем со спознавањето на можности за напредок и развој, со разумно и навремено трасирање на својот професионален пат, но и со следење на трендовите и технологиите кои се развиваат со брзина на светлината. Ние сме генерација на смартфони и таблети, логично е да имаме урнебесно брз раст на идеји, како и прогресивни движења лесно остварливи во пракса. Спротивно од тоа, статистиките кои ја прикажуваат стапката на младинска невработеност во земјата и надвор, агресивно шират неспокој и раздор меѓу сите социјални групи. Постои една стара изрека која вели, ако планината не сака да дојде кај Мухамед, Мухамед ќе оди кај планината. Интерпретирана во контекст на горенаведеното, доколку една млада личност се соочи со проблем на неможност на наоѓање работа, тогаш што го спречува да создаде една за себе? Постојат безброј виртулни платформи каде интелектуалниот капацитет на една млада личност може да биде вреднуван за износ утврден на поширокиот пазар на труд. Со оглед на фактот што живееме во глобално општество, млада личност лоцирана во Р. Македонија без проблем би можела да работи на проект кој би се имплементирал далеку на исток. Секако, за да се продаде еден производ, треба да се верува во неговата вредност. Понатаму, живееме во општество каде освен академската подлога е потребна и практична поткованост. Сепак, голем дел од младите не се предводат од правилата кои ги диктира модерниот пазар на трудот, генерално поради незаинтересираност придружена од доза на неинформираност за можности. Во услови кога универзитетите во голема мера воспоставуваат соработки со странски образовни институции, неинформираноста не може да биде превалентен изговор во очи на малата искористеност на понудените можности. Тука пак, се отвора прашањето дали младите навистина не знаат за можностите кои им стојат на располагање или чувството на сигурност кое го нуди комфорт-зоната е сосема доволно?
Всушност, она што мене ме загрижува кога размислувам за нас младите денес, е тоа каде лежи проактивноста на една млада личност, која најчесто освен академското образование нема ништо друго да понуди во својата животна биографија? Во свет на дигитална перфекција; работното, социјално и академско опкружување на една млада личност нема потреба да биде сведено на само една држава, еден менталитет, една култура. Додека интернетот претставува бесплатен извор на информации, книги и курсеви, не постои изговор дека нема можности. Она што го вреднуваме и земаме како основа за надградување, е токму она што ќе го добиеме како краен резултат, во обем во кој ќе работиме на него. На крајот на денот, од нас зависи како ќе го креираме подоброто утре. Ако сме подготвени да абсорбираме што повеќе знаења и вештини од некои од поразвиените земји и индустрии кое потоа несебично би го имплементирале дома, тогаш гласно ќе можеме да говориме за просперитет и благосостојба на нашата Македонија.
Ние, младите, сме тие кои го движиме општеството напред. Ние сме прогресивната сила која безрезервно треба да вложува енергија и да се бори за подобро утре. Ние сме дождоносците на подоброто утре.
Талентот е поевтин од мал соларник. Она што го двои од него, е вложениот труд и енергија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.