| четврток, 6 декември 2018 |

Луј Витон за крај на модната недела во Париз

Со ревијата на Марк Џејкобс во дворот на музејот „Лувр“ за модната куќа „Луј Витон“ за сезоната есен-зима 2013/2014 заврши модната недела во Париз. Џејкобс направи вистинска претстава на модната недела и тоа во манир на „филм ноар“ на кој никој не може да остане рамнодушен. Облеката беше само додаток на целата приказна. Пижамите и ноќниците се провлекуваа како лајт-мотив низ целата колекција. Сексапилните неглижеа, исто така, беа во центарот на вниманието иако се носеа под крзнени бунди и капути со машки крој.

Со боб-фризура, затемнети очи и темно руменило, манекенките требаше да го доловат Холивуд од 30-тите години на минатиот век. Гламурозниот гранџ, исто така, беше застапен. Иако во новата колекција беа застапени и елементите на будоар, кои практично повикуваа на една нова декаденција, се забележуваше и доза романтика.

По пистата прошета и незаменливата Кејт Мос, која му е вечна муза на Марк Џејкобс.

– За колекцијата ме инспирираа ноќите поминати со Кејт во хотел. Многумина ме прашуваа што правиме, па еве, покажавме, но ова е само еден дел – изјави Џејкобс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top