Шанел останува верен на својата ДНК, којa е фокусиранa на ретросилуети на гламур и на ефективни детали. Карл Лагерфелд покажа дека неговата мисија и понатаму е да лансира гламурозни, скапоцени парчиња облека. Во новата колекција на висока мода, која ја претстави на Модната недела во Париз, силуетата ја нагласува со широк, кожен ремен во метална боја.
Боите се пролетни – ведри, пастелни нијанси на розова, сина, зелена, лимон-жолта. Од материјалите Лагерфелд нуди твид, букле, проѕирен тул и елегантна свила.
Се разбира, и оваа колекција не можеше да биде осмислена без ДНК на куќата, а тоа се костумите, кои се базираат на палто и на долго здолниште со висока половина од букле. Легерфелд овој костум го надгради со свилена блуза со јака што се врзува.
Колекцијата има и серија вечерни фустани, кои ги маѓепсаа стилистите што седеа во првиот ред на ревијата и правеа списоци за претстојниот „Оскар“.
Но, останува впечатокот дека Карл Лагерфелд од сезона во сезона не нуди ништо ново, освен мало поигрување со боите и со деталите, но во сфера на формата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.