
АД „Електрани на Македонија“ од почетокот на реализацијата на проектот ХЕ Бошков Мост најпрофесионално и во согласност со сите постојни меѓународни стандарди и политики на Европската Банка за обнова и развој(ЕБОР) презеде низа активности во насока на оценка на влијанието на овој енергетски објект врз животната средина, пишува во соопштението на ЕЛЕМ.
„За таа цел изработена е Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви, а во изминативе две години се реализирани и подготвителни активности како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.
Сите предвидени активности се одвиваат со предвидена динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишен еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите последици од проектот.
Во согласност со препораките од ЕБОР и од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти, во моментов интензивно се изведуваат активности од страна на повеќе експертски тимови ангажирани од страна на АД ЕЛЕМ и тоа е во целост усогласено со барањата на засегнатите страни како што се невладини организации, локалното население, здруженија на граѓани и надлежните институции .
АД ЕЛЕМ, во соработка со Европската банка за обнова и развој и надлежните институции во Република Македонија е силно посветена кон реализација на овој значаен проект во согласност со сите директиви на ЕУ и правила на ЕБОР за заштита на животната средина. Компанијата и понатаму останува транспарентна и отворена во однос на сите тековни и идни активности поврзани со проектот „Бошков Мост“, се вели во соопштението од компанијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


