Кога почина еден од основачите на култниот скопски рок-бар „Зи-Зи топ“, Зоран Јанковиќ-Бајо, објавив фотографија од него, која ја имав направено некое време пред неговата смрт, и текст за скопската легенда. За кратко време фотографијата се најде на еден од македонските веб-портали, а текстот беше малку преработен – вели Васко Марковски, основач и уредник на порталот „Добри вести“ (dobrivesti.mk).
Ова е само една од многуте новинарски поплаки и приказни за крадење авторски текстови. Ништо позаштитени не се ниту фотографиите, кои ги објавуваат интернет-порталите. Фотографиите добиваат чуден пат. Не треба повеќе од минута-две фотографијата од порталот да се појави на нов портал, па на уште еден, на уште еден, па на нов, каде што крадачот сакал да се направи културен, па го потпишал тој што ја украл веќе од друг…
Неодамна интернет-порталот „Република“објави вест за прегазен пациент кај болницата „Систина“. Поради лошиот квалитет на фотографиите од самиот настан, кои беа направени со мобилен телефон, настанот беше илустриран со амбулантно возило на болницата „Систина“. Информацијата беше преземена, некои се обиделе да бидат фини, па потпишале дека го „зајмиле“ текстот, некои го направиле тоа правејќи се луди – не знам јас, дознав од соседот. Најспорен е моментот што беше украдена и фотографијата. И таа ја направил соседот на самото место – само десетина километри подалеку. (фотографијата воопшто не беше од местото на настанот)
Ова не е проблем на кој се жалат само новинарите. Сѐ почесто реагираат и посетителите на интернет-порталите. Велат, сите личат како јајце на јајце.
– Кој портал и да го отвориш ги имаш истите вести. Никој не нуди ништо поинакво. Дури и тој што се обидел да биде поинаков од другите се претпопува во масата поради тоа што неговите авторски текстови се преземени и објавени на сите протали. Единствената разлика што може да се забележи е во политичката ориентација на одредени портали – вели триесетгодишната Катерина, која нагласува дека сите информации за дневните случувања и за шоубизнисот ги добива на интернет.

Правила на игра
-Мораме да почнеме процес за заштита на авторските права. Има илјадници примери за украдени вести. Не е тешко да се најдат, да се препознаат авторските текстови, кои се земени без согласност на авторот – вели Александар Дамовски, уредник на „МКД“ (mkd.mk), еден од ретките портали што има новинарска екипа.
Вели, законите ни се на располагање. Недостига таа иницијативност да се оди по судови и да се гонат тие што незаконски преземаат туѓи авторски дела.
– Првиот судски спор решен во корист на авторот на текстот ќе влијае на промени на климата. Ние како еснаф мора сами да си поставиме правила на игра. Мора да постои етички кодекс и морална осуда – коментира Дамовски.
Според него, не смее да има изговор дека одреден текст што е преземен од странски портал не подлежи на авторски права. Македонскиот медиум, кој се потрудил да го преведе тој текст, има можност да бара авторски права. И преводот, додава Дамовски, е авторство. Често „МКД“ има проблеми и со фотографии. Досега овој интернет-портал нема почнато ниту една судска постапка. Сѐ е сведено до реакции до тие што работат на одреден портал, а кој без дозвола презема информации.
-Најчесто реагираме до колегите, доколку тоа копирање на текстови се повторува. Некои ќе прифатат, некои прифаќаат во моментот, два-три дена не копираат, а подоцна се враќаат на старото – коментира Дамовски.
Интернет порталот „Република“ постои нешто повеќе од два месеци месец. Често се случува текстови во целост да бидат преземени и да не се посочи дека се работи за текст ископиран од порталот. За да се воведе барем некаков ред, порталот настојува секогаш да постави линк што ќе води до текстот на порталот од каде што е земена главната информација. Дамовски го оправдува ваквото поврзување, но нагласува дека мора да се води сметка да не се презема целиот текст, туку само главната информација.

Правата се заштитени, но никој не ги остварува
Законите им се на располагање на медиумите. Постојат законски одредби за заштита на авторските права, само треба да се спроведуваат. Нема потреба да е нагласено дека постојат авторски права. Не е неопходно да се постави знакче дека нешто има авторски права. Маја Бариќ, адвокатка, магистар по авторско право, вели дека иако досега водела многу случаи за заштита на авторските право, ниту еднаш досега не ѝ се јавил некој новинар и не побарал да се поведе постапка за заштита на неговите авторски права.
– За да се преземе нешто не е доволно да се каже дека потекнува од некаде. Можеби порталот треба да постави заштита, во смисла дека треба да се побара дозвола за да се преземе текст. Но, за да се спроведе нешто, мора да се реагира. Тој правилник е опомена. Мора да се бара извинување или бришење на текстот, кој е преземен без дозвола – вели Бариќ.
Таа нагласува дека не постои процент на совпаѓање на текстот за тој да подлежи на авторски права. Сите тие информации, додава таа, се повеќе шпекулации отколку реалност. Доколку се зема само еден дел од текстот, тогаш мора да има наведено од каде е изваден тој цитат. Во случај, пак, објаснува адвокатката, да се преземе цел текст, мора да се побара дозвола, да се плати преземањето.
– Еднаш-двапати во ред е да се замижи. Но, ако тоа се повторува реакцијата е неопходна. Мора да има некакво новинарско здружение, кое ќе се занимава со правата, етиката и со моралот. Акутно решение е да се тргне со опомени. Мора да се следат сите што преземаат одреден текст и да се реагира на сите, а не селективно – коментира таа.

Од копирање до казна затвор
Казните зависат од тоа што е направено. Може да има финансиски надомест, во зависност од моментот кога и како се случило и дали, навистина, е предизвикана некаква штета. Една од казните што судот може да ја досуди е и јавно извинување за злоупотреба на туѓо авторско дело. Но, дали извинувањето е доволно за промена на свеста?
– Не зборуваме за кривичен момент, фалсификување. Зборуваме за надомест на материјална штета и тоа може да се пресмета за секој случај поединечно. Во Македонија нема многу предмети на таа тема.Треба да се разгледаат искуства од други земји. Да се види како е определена висината на материјалната штета таму, па врз основа на туѓата практика да се приспособат во контекст на нашите услови. Во секој случај, би се одело со некоја повисока тема, која во никој случај не може да биде помалку од 2.000, 3.000, 5.000 евра, па за да се дојде до некое солидно ниво – коментира адвокатката, која е магистар на оваа тема.
Покрај постапката за авторски права, која се води на граѓански суд, постои можност да се води и постапка пред кривичниот суд за сторено кривично дело. На почеток, нагласува нашата соговорничка, може за судовите да биде бауч. Затоа треба да се тргне со некоја поголема врева.
– Можат паралелно да се водат граѓанска и кривична постапка, доколку има услови за тоа. Во некои случаи е неопходно прво да заврши едната постапка, некогаш граѓанската, некогаш кривичната, за да се поведе другата постапка. Ако се докаже вината во кривична постапка, многу полесно може да се бара надомест на материјалната штета во граѓанската постапка. Предвидена е и казна затвор за крадење туѓо авторско дело – коментира Бариќ.
Што вели законот
Она што е релевантно во новинарската област е дека може да се побара заштита на абторските права во граѓанска постапка. Во истата постапка може да се побара и надомест на штета. Што се однесува пак до кривични дела за авторски права, членот 157 им е на располагање на фотографите и новинарите:
Повреда на авторско право и сродни права
Член 157
(1) Тој којшто во свое име или во име на друг нео-властено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, изведе,емитува или на друг начин неовластено ќе посегне по туѓо авторско право или сродно право ,односно авторско дело, изведба или предмет на сродно право, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години
(2) Тој што делото од став 1 го стори преку компјутерски систем,ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. ”
(3) Тој којшто со делото од став 1 прибавил поголема имотна корист, ќе се казни со затвор од шест месeци до пет години
( 4) Тој којшто со делото од став 1 прибавил значителна имотна корист, ќе се казни со затвор од edna до пет години.
(4) Обидот е казнив.
(5)Примероците на авторските дела и предметите на сродните права, како и средствата за репродуцирање се одземаат.”
(6) Ако делото од став 1 го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.”
(7) Гонењето за повреда на морално право се презема по предлог.
Во оваа форма овој тип на кривично дело е формулирано уште во 2009 година. Воглавно, казните се од парична до казна затвор до максимум 5 години, во зависност од тежината на стореното дело.
Но, не подлежат на авторски права само текстовите преземени од домашни портали. И вестите преземени од странските медиуми подлежат на одредени права. Преводот на авторска вест од „Блиц“ е престап, колку и преземањето текст од домашен портал. Потребна е согласност, договор со медиумот од кој се зема веста.
Соседна Србија има практика за заштита на авторските права на фотографиите. Таму се ангажирани адвокати што го следат текот на една фотографија, поведуваат постапка за тие што незаконски ја објавуваат, а нивниот хонорар е поврзан со процент од наплата на незаконски преземена фотографија. Бариќ нагласува дека законот во Македонија е усогласен со европските регулативи. Деведесет проценти од работите се поставени во законот така како што е договорено во Европа. Ние сме многу блиску до државите што имаат голема заштита на правата. Македонија има закони што нѐ заштитуваат, само треба да се користат.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Црн петок, ама буквално: Дошле на шопинг во Сити мол, останале без возила!
-
Внимавајте каде се движите, скопската полиција денеска овде казнува несовесни пешаци (ФОТО)
-
Скандал во Идризово: Повеќе од два месеца нема лекови во затворот
-
Во 12.500 пораки го опишале одвратното злоставување на бебе и 5 годишно девојче: Мајката и љубовникот осудени на 50 години затвор


