Претставата „Кој пукаше на 21.?“ од британската авторка Черил Черчил, во режија на Нина Николиќ ќе биде премиерно изведена на 23 октомври во 21 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје.
Претставата е работена според драмскиот текст „Мад Форест – Драма од Романија“ на Черчил и раскажува за периодот пред, по и за време на романската револуција во 1989 година. Состојбата во тоа општество е претставена низ конкретни семејни и интимни приказни на ликовите, а приказната е раскажана низ три основни поглавја. Дали имавме револуција или пуч? Кој пукаше на 21.? Дали пукаше војската или припадниците на безбедноста маскирани во војнички униформи? И најважно од сè, се бореа ли меѓусебно терористите и војската или само се преправаа? И во чија корист? Прашуваат авторите. Костимограф на претставата е Ивана Каранфиловска-Угуровска, музиката е на Александар Пејовски, сценографијата на Јане Чаловски.
Улогите ги толкуваат: Звезда Ангеловска, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јорданоски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ, Кристијан Светиев. На видео се појавуваат: Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.