| четврток, 6 декември 2018 |

Златкова кула имала приказ на мртовечка глава за да се плашат разбојниците

Се претпоставува дека оваа е една од најстарите кратовски кули. Името го добила според нејзиниот последен сопственик, Ѓорги Златков. Тој ја купил кулата од Асан-eфендија, според чиешто име дотогаш се нарекувала

Златкова кула доби грант од 100.000 долари од Амбасадата на САД во Македонија и наскоро ќе се реставрира. Кулата е изградена во 1365 година. Името го добила според нејзиниот последен сопственик, Ѓорги Златков. Тој ја купил ова кула од Асан-ефендија, според чиешто име дотогаш се нарекувала. Основата на кулата е правоаголна, изградена е од дебели камени ѕидови, висока е 5,90 и 6,35 метри. Има три ката и во неа се влегува со помош на подвижни скали. Под самиот праг на вратите се гледаат остатоци од камени греди и проширен ѕид на кој се поставувале подвижните скали. На југоисточниот ѕид се наоѓа длабнатина, која била бања со санитарен јазол. Кон последниот најгорен кат водат дрвени скали, каде што се влегува преку дрвена врата, која се затвора хоризонтално. Се претпоставува дека оваа кула е една од најстарите кратовски кули.

Kулите се особената гордост на Кратово. Некогаш биле 13, додека денес се само шест: Симиќева, Саат-кула, Златкова, Крстева, Емин-бегова и Хаџи-Костева кула.  Најубава е Симиќева, Крстовата била најбогата, најстара е Златковата кула, а Саат-кулата е претворена во изложбена постановка.

Reportaza110-2

Кулите некогаш биле во сопст­веност на закупците на рудниците. Тие тука живееле, заедно со семејствата, но и со работниците и со нивните семејства. Тука живееле и чуварите што ги чувале кулите. Всушност, парите биле ковани од рудата во рудниците, па затоа кулите биле поврзани со тунели и со подземни ходници. Се претпоставува дека ги градел Костадин Дејанов за да создаде одбранбен бедем од турскиот аскер. Еден од влезовите се наоѓа кај Грофчанскиот мост, додека излезот е на другата страна, кај Радин мост, од каде што лесно можело да се пребегне во густата шума и во планината, која им била позната само на локалните жители. Кон крајот на Втората светска војна, кога Германците се повлекувале и кога стигнале кај Радин мост, еден војник го прашал главниот командант каде се наоѓаат. Тој одговорил: „На крајот на светот“.

Легендата вели дека постоела и т.н. Кралска кула, која се наоѓала во непосредна близина на Сарајскиот мост. Тоа била кула на царицата Елена и на царот Костадин Дејановиќ, кои имале ќерка Сара. Кога Турците ги притиснале, Сара ги фрлила клучевите од кулата и преку подземните тунели избегала со торбите злато. Се раскажува дека Турците не ги нашле парите, но не ја нашле ниту Сара. И ден-денес луѓето сакаат да ја раскажуваат легендата, но и да мечтаат, а можеби и да ги бараат златниците на Сара.

Reportaza110-3

Интересно е дека на кулите имало и шематизирани прикази. На пример, на Златкова кула имало приказ на мртовечка глава, за разбојникот уште кога ќе ја види да се уплаши.

Кулите, всушност, биле станбено-одбранбени објекти ѕидани од полуобработен камен. Вулканските топки, кои се многу тешки, заедно со оловото и со боровата смола биле качувани на четвртиот кат за оттаму да бидат истрелувани врз евентуалниот непријател.

Кратовските кули и ден-денес имаат сопственици. Но, на сите порти има катинари. За жал, најголемиот дел од сопствениците чекаат некои подобри времиња.

Историчарите раскажуваат дека кулите, кои се едно од позначајните обележја на овој град, се изградени во византиско време.

– За време на турското ропство, турските големци живееле во нив. Војската била во долната просторија, додека агите во горната, така што биле многу убаво заштитени од нападите – објаснуваат од Градскиот музеј во Кратово.

Reportaza110-4

Овој град сè уште има компир со географско потекло, а луѓето сè уште чуваат автохтони семиња на грав и на пипер. Едноставно, не ги сакаат новите сорти семе. Можеби од старите приносот е помал, ама не ги даваат. Ќе ви речат: „400 години моето семејство живеело од ова семе, можам и јас“. Ако го фатите пазарниот ден, низ тесните чаршиски сокаци, буквално, вреска минатото. Сè уште по кратовските домови во наследство се остава и по некоја тава или тепсија изработена од најпознатиот кратовски б’к’р (бакар). Ако имате среќа, може да се напиете турско кафе од ба­карно ѓезве. А цигарата да ја запалите со габа од бука и кварцен камен.

Кратово има многу приказни… како таа за четирите тетрадрах­ми на Филип најдени во 1954 година, на местото каде што е денешна „Тасева кафеана“, за Шлеговците што носат директно потомство од Шлезите и од Саксонците, за познатата „дама“ што во 60-тите години на минатиот век со торби злато се преселила во Ќустендил, за многу живи нешта случени и запишани во камените блокови на овој град. Град во кој живеат луѓе со топли срца.

Во Кратово задолжително да пробате к’цана сол. Таа е дел од свечената трпеза за верскиот празник Велигден, а многу често и за Св. Троица. Се подготвува напролет, иако јунските билки се највкусни. К’цаната сол е, всушност, готварска тајна на речиси секое кратовско семејство. Некој става нешто плус, некој вади нешто од основниот рецепт и добива своја марка. Внатре, еден куп здрави нешта: румуруска (зрнасто растение), везенка пиперка, нане, ноктарец, мајчина душица, морска сол и уште неколку вида зачини, кои не ги кажуваат.

 

(Пишува: Невена Поповска | Фото: Игор Ангеловски
Текст објавен во 110. број на неделникот „Република“, 10.10.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top