Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на маргините на Форумот во Кран Монтана во Женева, денеска оствари средба со високиот комесар за човекови права на ОН, Зеид Ра’ад ал-Хусеин.
На средбата, соопшти кабинетот на Иванов, се разменети мислења и информации во однос на приоритетите на дејствување на Република Македонија за време на членството во Советот за човекови права, како и за актуелните состојби и предизвици со човековите права на меѓународно ниво и на ниво на регионот.
Претседателот Иванов истакна дека членството на Република Македонија во Советот за човекови права за периодот 2014-2016 година претставува огромна чест и сериозна обврска, имајќи ја предвид поддршката што нашата земја ја дава кон ова тело од самото негово основање.
– Република Македонија преку членството ќе одигра активна улога и ќе даде суштински придонес во работата и натамошното профилирање на Советот, како заштитник и промотор на универзалните човекови права насекаде низ светот – рече претседателот Иванов и додаде дека нашата држава останува цврсто определена за натамошна промоција на највисоките стандарди за човековите права на меѓународно ниво.
Македонскиот претседател го информираше комесарот Ал Хусеин за македонскиот модел на интеграција без асимилација, кој негува највисоки стандарди за заштитата на човековите права и правата на заедниците, и претставува позитивен пример во нашиот регион.
Во однос на натамошното унапредување и развој на човековите права во регионот, претседателот Иванов потенцираше дека се потребни дополнителни ангажмани и решителност кои би придонеле за поголем степен на заштита на човековите права.
Комесарот Ал Хусеин истакна дека е посебно почестен од посетата и средбата со македонскиот претседател.
– Ова е прва посета на шеф на држава по мојот избор, почестен сум од вашата посета. Подготвен сум тесно да соработувам со вас во промоцијата за човековите права, истакна високиот комесар, оддавајќи признание за активноста и ангажманот на Република Македонија во Советот за човекови права и генерално во целиот систем на ОН за заштита на човековите права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.