Фудбалската федерација на Македонија нема да дозволи дербито во рамките од 11. коло од македонската Прва фудбалска лига, меѓу Шкендија и Вардар што треба да се одигра на градскиот стадион во Тетово в недела, да добие сценарио како инцидентите во Белград.
– ФФМ во присуство на претставници на двата клуба и МВР организираше средба на барање на Комисијата за безбедност. Двата клуба постигнаа договор да не носат свои навивачи на гостувањата во Тетово и во Скопје. Имајќи ги превид неодамнешните случувања во Белград, двата клуба се согласија дека ваквиот договор е најдобар во моментов. Упатуваме апел националистичките однесувања и насилствата на терените да ги оставиме на страна и двете средби да поминат во најдобар ред, и да можат дветата меча да поминат со гостински симпатизери, но тоа засега не е можно – посочи Златко Андоновски, портпарол на ФФМ, на прес-конференција.
В.д. генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, изрази задоволство од состанокот на кој двата тима долги години имаат одлични односи и посакуваат натпреварите во Тетово и во Скопје да поминат во најдобар ред и да победи фудбалот.
ФФМ има гаранции од организаторот, Управата на Шкендија, дека дербито ќе помине во најдобар ред, и тој во Тетово и реваншот мечот од купот во Скопје.
– Добивме цврсти гаранции од Шкендија дека на мечот нема да има никакви националистички одбележја и кореографии и ќе се почитува законот за знаме на РМ. Тоа прашање го поставив како многу важно за да не се добие никаква рефлексија од случувањата во Белград – изјави Роберт Марковиќ, член на Комисијата за безбедност.
Делегат на натпреварот во Тетово и во Скопје ќе биде претседателот на натпреварувачката комисија на ФФМ, Васко Дојчиновски.
Тој истакна дека во случај да биде прекршен кој било договор или правило, натпреварот ќе биде прекинат.
– Се надеваме на соработка од трибините. Во случај да се истакнат одбележја на друга држава ќе го прекинеме натпреварот и ќе бараме да се испразни трибината сѐ додека не се воспостават услови за натпреварот да продолжи. Ако и тогаш нема услови актерите на теренот да бидат главни на овој натпревар, ќе го прекинеме натпреварот на подолг рок. Што никој од присутните на состанокот не го посакува тоа – додаде Дојчиновски.
Натпреварот се игра в недела со почеток од 14.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.